• среда, 25 декември 2024

Општина Гостивар започна кампања за безбедност на децата во сообраќајот

Општина Гостивар започна кампања за безбедност на децата во сообраќајот

Гостивар, 11 септември 2024 (МИА) - Гостиварската локална самоуправа во соработка со Одделот за превенција на СВР Тетово со настан на градскиот плоштад започнаа кампања за поголема безбедност на децата во сообраќајот. Како дел од активностите беше организирано и дефиле во кое учествуваа учениците и наставниците од основните училишта во општина Гостивар.

Во дефилето од центарот за култура до општинската зграда, најмладите имаа можност да се запознаат со правилното движење по улиците и значењето на сообраќајните знаци.

Првиот човек на општината Ваљбон Лимани напомена дека станува збор за иницијатива која има едукативна содржина и нејзината цел е да ги информира учениците за улогата на сообраќајната полиција и сообраќајните правила најавувајќи дека ваквата кампања ќе продолжи.

- Имајќи ја предвид безбедноста на нашите деца во патниот сообраќај како родител и претставник на институција решив лично да излезам и заедно со учениците од првите одделенија и претставници од Одделението за превенција да ги потсетам возачите на безбедноста на најмалите учесници во сообраќајот, рече в.д. градоначалникот на општина Гостивар, Ваљбон Лимани.

За време на едночасовното дефиле, сообраќајците запираа возила и делеа совети и летоци. На градскиот плоштад на најмалите им беа поделени брошури со насоки за нивното однесување кога се дел од сообраќајот

Настанот беше збогатен со пригодна забавна програма со музика и маскоти кои ги анимираа децата. згм/сст/

фото МИА

 

Остани поврзан