• среда, 25 декември 2024

Општина Виница ќе основа ЈП „Енерго Вин“ за одржување на јавното осветлување и набавка на струја

Општина Виница ќе основа ЈП „Енерго Вин“ за одржување на јавното осветлување и набавка на струја
Виница, 28 октомври 2022 (МИА) – Општина Виница ја почнува постапката за основање ново јавно претпријатие што ќе се грижи за одржување на јавното осветлување во градот и населените места, а ќе има и обврска да набавува електрична енергија на регулираниот пазар. Согласност за основање на ЈП „Енерго Вин“ даде мнозинството во Советот на Општината, а градоначалникот Миле Петков, кој е носител на иницијативата, образложувајќи ја оправданоста за новиот правен субјект нагласи дека се очекува да се обезбеди значително намалување на трошоците за електрична енергија. - Во претходниот период трошоците за струја изнесуваа по околу 400 илјади денари месечно, од што околу 80 отсто се за јавното осветлување. Со формирањето на јавното претпријатие, тоа ќе може да бара согласност од ЕВН Македонија да се најде на регулираниот пазар на електрична енергија, а според сегашните цени на струјата ќе остварува просечна заштеда од околу 800 илјади денари месечно. Дополнителните трошоци за неговото работење ќе бидат сведени на минимум, со оглед што управните органи најавија дека се откажуваат од надоместокот што законски им следува, а седиштето на претпријатието ќе биде во општинските простории, истакна градоначалникот Петков. Се планира ЈП „Енерго Вин“ да има помалку од 50 вработени и според законската регулатива ќе може да бара влез на регулираниот пазар на струја, со што наместо по 33 денари за киловат час, ќе се плаќаат по седум денари. Статутот и другите правни акти за основање на јавното претпријатие треба да се донесат во максимален период од четири месеци, по што ќе се изготви програма за финансирање и развој, а со Општината ќе се склучи посебен договор за меѓусебна соработка. та/цр

Остани поврзан