• недела, 24 ноември 2024

Општина Виница инвестира четири милиони денари за изградба на тротоари

Општина Виница инвестира четири милиони денари за изградба на тротоари
Виница, 9 јуни 2022 (МИА) - Локалната самоуправа на Виница инвестира дополнителни четири милиони денари за реализација на годишната програма за изградба на сообраќајна инфраструктура и уредување на јавно-прометните површини. Средствата се наменети за изградба на тротоари и пешачки патеки на повеќе улици во градот и дел од населените места во општината, со вкупна површина од 3,5 илјади квадратни метри. Според најавата од општинските служби, градежните активности ќе почнат од идната недела. -Веќе е склучен договор со фирмата „Евроградба инженеринг“ од Владиевци, Општина Василево, која беше избрана за изведувач на градежните работи. Очекуваме од понеделник да почне изградбата на тротоари на улиците „Никола Карев" и „Јане Сандански" во Виница, а во истиот договор е опфатена и изградбата на пешачка патека на влезот во селото Јакимово, како и поставувањето бехатон плочки, на површина од над две илјади квадратни метри, на тротоари во Истибања, Блатец, Пекљани и другите населени места, истакна Миле Петков, градоначалник на Виница. Реализацијата на градежните работи за уредување на тротоарите треба да заврши во период од шест месеци. Општина Виница ја реализира и изградбата на потпорен ѕид на улицата "Иво Лола Рибар" во Ромското маало, како дел од проект што се имплементира со Ромскиот ресурсен центар и ЧЕЛИМ од Милано, Италија, а е финансиран од ЕУ и Министерството за труд и социјална политика на Македонија. та/сп/

Остани поврзан