• четврток, 26 декември 2024

Општина Велес оддаде почит на Андреја Дамјанов најголемиот градител на сакрални објекти на Балканот

Општина Велес оддаде почит на Андреја Дамјанов најголемиот градител на сакрални објекти на Балканот

Велес, 12 јули 2024 (МИА) - Денеска, на Петровден, се навршуваат 211 години од раѓањето и 146 години од смртта на еден од најголемите градители на сакрални објекти на Балканот во периодот на македонската преродба, Андреја Дамјанов. По тој повод делегација на Општина Велес положи цвеќе на неговото вечно почивалиште во црквата Свети Пантелејмон во Велес.

Во негова чест од 1989 година беше востановена и секоја година се доделува архитектонската награда за животно дело. До 2005 година секоја година на Петровден на добитникот му се врачуваше наградата во црквата Свети Пантелејмон во Велес која е негово дело и каде се наоѓа неговиот гроб без име само со крст како што сакал Дамјанов.

Андреја Дамјанов бил  роден во 1813 година во село Папрадиште во велешкиот поширок регион, сега дел од  Општина Чашка, во семејство на познати мијачки градители. Со своите браќа Ѓорѓи, Коста и Никола, мајсторот Андреја градел цркви во Македонија, Србија, Бугарија, Босна и Херцеговина и во други балкански земји.

Дамјанов претставува симбол на македонското неимарство. Тој лично присуствувал при изградбата на секоја црква. Неговите сакрални објекти се карактеризираат како врвни архитектонски дела со декоративни елементи на столбовите кои се белег на неговите градби и со добра акустика. Токму таква е црквата посветена на Свети Пантелејмон, светецот-заштитник на Велес, а архитектите ја препознаваат по изразот „македонска миланска скала”.

Во негова чест Асоцијацијата на архитекти на Македонија ААМ а доделува архитектонската награда за животно дело „Андреја Дамјанов“. Наградата првпат беше доделена во 1989 година на архитектот Крум Томовски, а во февруари годинава во МАНУ беше доделена за 2023 година на дипл.инженер архитект Здравко Рафаиловски. Од 2005 година ААМ самостојно наградата ја врачува во други цркви или објекти на Андреја Дамјанов. ам/сст/

ФОТО Општина Велес

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан