• петок, 27 декември 2024

Општина Велес со повеќе инфраструктурни проекти

Општина Велес со повеќе инфраструктурни проекти
Велес 21 септември 2022 (МИА) - Во полн ек се градежните работи на велешката улица „Христо Татарчев“ пред ООУ „Васил Главинов“ во должина од 260 метри, а кои Општина Велес ги започна на почетокот на месецов. Увид во работите денеска направи градоначалникот Марко Колев со својот тим, и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој беше во посета на градот. -Се работи интензивно што побрзо да биде завршена, бидејќи ова е една од најфрекфентните велешки  улици, потенцира на денешната прес-конференција градоначалникот Марко Колев. Колев и Мицкоски направија увид и на блиската улица „Кумановска“, а која беше реконструирана пред еден месец, а потоа и на изградбата на новиот голем паркинг, којшто, како што најави велешкиот градоначалник, до крајот на месецов треба да биде ставен во функција. Увид беше напаравен и во  новоизградениот затворен Градскиот Пазар во Велес, како и на кејот на реката Вардар каде е најавена доградба во должина од 200 метри, со средства од ЕУ а за што вчера бил склучен договор. Го посетија и реновираното Детско игралиште „Дизни“. Колев информира дека изминатите неколку месеци се работело интензивно на дислокација на колекторот што минувал низ Градскиот пазар. Одговарајќи на новинарско прашање во врска со доградбата на кејот на реката Вардар, градоначалникот Колев информира дека неговата изградба треба да биде готова за осум - девет месеци. Инвестицијата е 407 илјади евра со кои треба да се доградат 200 метри од спротивната страна на кејот од сега постоечкиот изграден пред 20 години, односно ќе се гради на потегот од Новиот мост „Гемиџии“ до Мало Мовче. -Вчера го склучивме договорот, а  при крајот на месецов ја очекуваме делегацијата од ЕУ, заедно со партнерите од Грција, кога и официјално ќе го означиме почетокот на неговата изградба, најави Колев. ад/ев/

Остани поврзан