• четврток, 26 декември 2024

Општина Битола ќе субвенционира изградба на инфраструктура за физичка пристапност во домот на лица со попреченост

Општина Битола ќе субвенционира изградба на инфраструктура за физичка пристапност во домот на лица со попреченост

Битола, 1 март 2023 (МИА) - Општина Битола утврди правилник за начинот и условите за искористување на средства од Програма за социјална заштита за 2023 година, за адаптација, изградба или поставување на инфраструктура и опрема за физичка пристапност во домот на лица со попреченост.

Со субвенционирање на трошоците, во целост или делумно на лицата со попреченост ќе им се овозможи адаптација, изградба или поставување на инфраструктура и опрема за физичка пристапност на веќе постоечки или изградба на нови пристапни рампи, платформи и лифтови, направи за искачување на скали со инвалидски колички во домот на лицата со попреченост, со цел надминување на висински растојанија или други физички пречки или бариери до и во домот.

За реализација на програмата Општина Битола денеска објави јавен повик, кој како што информираат од локалната самоуправа, ќе биде отворен во текот на целата година, односно се до искористување на предвидениот буџет за субвенционирање на адаптација на делови од домот во физичкиот простор, прилагодување на тоалет, промена на врати со соодветна ширина за инвалидска количка, правење на пристапни патеки, како и набавка на опрема која наменета за користење од страна на лица со попреченост која ќе ја олесни мобилноста и функционалноста на лицата со попреченост до и во нивниот дом.

Искористувањето на средствата на инфраструктура за физичка пристапност во домот може да биде во максимален нето износ од 61.500 денари, а средства за инфраструктура за физичка пристапност во домот може да побара лице со попреченост кое заради природата на состојбата во која се наоѓа има трајна или повремена оневозможеност самостојно да искачува скали, совладува висински растојанија, или други физички пречки и бариери до, и во домот. мт/цр

Фото: извор МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан