Општина Битола со финансиска поддршка за младински организации
- Општина Битола обезбеди 550.000 денари, финансиски средства кои ќе ги додели на младински организации и организации за млади за спроведување на проекти и активности за младите во градот.

Битола, 1 април 2025 (МИА) - Општина Битола обезбеди 550.000 денари, финансиски средства кои ќе ги додели на младински организации и организации за млади за спроведување на проекти и активности за младите во градот.
Во денешниот јавен повик на локалната самоуправа се нагласува дека распределбата на средствата се врши од програмата за активности во областа на спортот и младите за 2025 година, преку грантови за проекти за млади.
Општина Битола поддржува младинско учество, младинско информирање и развивање на дигитални алатки за младинско информирање, младинска работа, потоа образование за млади со фокус на стекнување животни вештини на младите над 18 годишна возраст, а грантови се обезбедени и за проекти од областа на културата, спортот и здравствена заштита со фокус на подобрување на менталното здравје кај младите.
Според јавниот повик, кој е отворен до 14 април, младинските организации од Битола може да аплицираат и за секторот претприемништво и поддршка при вработување, како и област безбедност, а со цел подобра информираност кај младите за санкциите од насилничко однесување и намалување на асоцијалното однесување на младите, посочија од Општина Битола. мт/мд/
Фото: МИА