• четврток, 26 декември 2024

Општина Битола до крајот на годинава ќе обезбеди инвеститори за четири нови парцели во индустриската зона „Жабени“

Општина Битола до крајот на годинава ќе обезбеди инвеститори за четири нови парцели во индустриската зона „Жабени“

Битола, 6 декември 2023 (МИА) - Секретарот на Општина Битола и заменик претседател на Локалниот економско социјален совет-ЛЕСС, Борче Димитровски, на денешната јавна дискусија на тема „Слободните индустриски зони и нивното значење за економскиот развој на Битола“ истакна дека во тек е нов повик за продажба на нови парцели во индустриската зона „Жабени“ и до крајот на оваа година се очекува да се продадат четири нови парцели, со што ќе се достигне бројка од 16 продадени парцели во период за една и пол година.

Во изјава за медиумите, Димитровски посочи дека сите парцели се за нископреработувачка индустрија, за фирми од Германија, Турција и други држави.

 - Во индустриската зона „Жабени“ продадени се 12 парцели на неколку странски инвеститори, а во 2024 година очекуваме новите индустриски објекти да ја видат светлината на денот. Но, до крајот на оваа година очекуваме да се продадат уште четири нови парцели, со што ќе се достигне бројка од 16 продадени парцели во период за една и пол година. Индустриската зона „Жабени“ од своето формирање не доживеа позначајни инфраструктурни зафати и заради тоа продадените парцели на се ставени во функција, односно не се гради. Ние направивме целосна анализа и преговораме со фондови од странство, но и со средства од централната власт очекуваме индустриската зона да ги подобри своите капацитети и перформанси за да биде поатрактивна, истакна Димитровски.

Од Општина Битола најавија дека напролет ќе се инвестира и во старата индустриска зона во која некогаш функционираа фабриките за фрижидери, шеќерна репа, Битолатекс и други од поодамна затворени индустриски капацитети.

 - Во старата индустриска зона со поддршка на Светска Банка, напролет ќе почне целосна реконструкција на старата индустриска улица, денес улица „Бурса“ со што значително ќе се подобрат условите за функционирање, но тоа ќе биде придобивка и за самиот град бидејќи ќе се оформи нова обиколница која ќе почнува од страната на Меџитлија со излез кон Новаци. Реконструкцијата на улицата „Бурса“ која е во должина од 2,4 километри значително ќе ги подобри условите за работа на бизнис секторот, рече Димитровски и додаде дека тендерските процедури како и обврските на Општина Битола во целост се завршени, со што најави дека во 2024 година ќе има нова сообраќајница. мт/сан/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан