• сабота, 06 декември 2025

Општина Берово исплати повеќе видови финансиска поддршка за граѓаните

Општина Берово исплати повеќе видови финансиска поддршка за граѓаните

Берово, 5 декември 2025 (МИА) - Градоначалникот на Општина Берово Петар Ружински денеска ја информираше јавноста дека општината ја реализирала исплатата на повеќе категории финансиска поддршка, насочена кон учениците, студентите, младите лица, семејствата со новороденчиња и лицата со попреченост, нагласувајќи дека овие средства се важен дел од локалната политика за подобрување на условите за живот и создавање еднакви можности во заедницата. 

Во својата објава на Фејсбук, Ружински посочи дека општината исплатила 30.000 денари за првенец на генерација, 49.000 денари за новороденче, 40.000 денари за млади лица за полагање возачки испит Б категорија, 20.000 денари за лица со попреченост, 66.000 денари за студенти, истакнувајќи дека секоја од овие мерки има своја специфична улога во поддршката на граѓаните и во создавањето подобра перспектива за младите и ранливите категории

- Со овие средства даваме јасен сигнал дека вложуваме во иднината на нашите млади, во поддршката на семејствата и во создавање услови за подостоинствен живот на сите граѓани, рече Ружински, додавајќи дека општината ќе продолжи со континуирани активности насочени кон развој, рамноправност и одржлив напредок. 

Тој нагласи дека ваквите програми ја зајакнуваат заедницата, создаваат поголема инклузивност и покажуваат дека локалната самоуправа останува силно посветена на своите граѓани, истакнувајќи дека Берово ќе продолжи да гради средина во која секој има поддршка и можност за развој. вс/ев/

ФОТО: Општина Берово

Остани поврзан