• сабота, 23 ноември 2024

Единаесет машини за рециклирање поставени во училиштата и градинките во општина Аеродром

Единаесет машини за рециклирање поставени во училиштата и градинките во општина Аеродром

Скопје, 13 септември 2024 (МИА) – Општина Аеродром денеска промовираше единаесет машини за рециклирање што се поставени во дворовите на сите основни училишта и во две градинки. Во рамки на проектот „Clean Air – нула цврст отпад“ беа поделени и торби за домашна селекција на отпад на над 10 илјади домаќинства.

Како што информираат од локалната самоуправа, со ова општината им за цел да ја подигне свеста за зачувување на здравата и чиста животна средина, особено кај најмладите, а притоа и да ја развие конструктивната компетитивност меѓу основците.

- Токму затоа, 11-те машини за рециклирање ги поставивме во дворовите на училиштата и градинките, затоа што навиките се создаваат од најмала возраст. Се надевам дека претставуваме добар пример и оттука ги охрабруваме сите општини да имплементираат ваков или сличен проект, а ние сме тука да им дадеме безрезервна поддршка, изјави в. д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, во воведното излагање на настанот што се одржа во ООУ „Лазо Ангеловски“.

На настанот присуствуваше и министерот за локална самоуправа Златко Перински, кој истакна дека овој проект е од огромно значење за општината и за државата, бидејќи не само што придонесува за почиста и поздрава животна средина, туку претставува и мост до Европската Унија. 

- Преку овој модел на зајакнување на капацитетите на општините за справување со големите количини отпад, како и едукација на граѓаните за важноста од селектирање и рециклирање, директно придонесуваме во насока на исполнување на критериумите од поглавјата поврзани со еколошки прашања и животната средина, истакна Перински. 

Проектот се спроведува со поддршка на Делегацијата на Европската Унија во Скопје и Швајцарската амбасада, кои за негова реализација одвоија околу 600 илјади евра.

- Во моментов на глобално ниво се соочуваме со голем проблем при управувањето на отпадот, а од друга страна, едно од најсложените прашања во преговорите за ваш пристап во Европската Унија е токму начинот на справување со отпадот, што се протега во повеќе поглавја, нагласи шефот за соработка при Делегацијата на Европска Унија, Штефен Худолин.

Тој истакна дека ЕУ досега има инвестирано 40 милиони евра и дополнителни 20 милиони евра токму за справување со ова прашање, но, како што рече, сè уште не се остварени посакуваните цели.

Амбасадорката на Швајцарија, Вероник Улман, укажа на тоа дека општините имаат многу важна одговорност при справувањето со отпадот и неговото правилно селектирање.

- Овој проект претставува иновативен пристап на Општина Аеродром затоа што не само што ја подига свеста кај најмладите туку и им остава простор за финансиски придобивки од селекцијата на отпадот, изјави Улман. ар/бак/

Фото: МИА

Остани поврзан