• четврток, 26 декември 2024

Општина Аеродром дел од манифестацијата за 100 години од раѓањето на Блаже Конески

Општина Аеродром дел од манифестацијата за 100 години од раѓањето на Блаже Конески
Скопје, 19 март 2021 (МИА) - Општина Аеродром активно се вклучи во манифестацијата „2021 – Година во чест на Блаже Конески“, со која се одбележуваат 100 години од раѓањето на големиот деец Блаже Конески - филолог, поет, прозаист, есеист, литературен историчар, преведувач, професор на Филозофскиот факултет во Скопје и прв претседател на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин и неговите соработници остварија средба со секретарот на Фондацијата „Небрегово“, Атанас Конески, на која, како што информираат, е договорено Општината и основното училиште „Блаже Конески“ да се вклучат во манифестацијата со конкретни содржини, а сите училишта во Општината да земат активно учество на конкурсот распишан од Фондацијата „Небрегово“, со поетски творби што ќе ги испратат во определен рок. - Ми претставува голема чест и задоволство што Општина Аеродром ќе биде домаќин на дел од оваа прекрасна манифестација. Учениците со сопствени ликовни и поетски творби во чест на Блаже Конески, притоа поттикнати од неговите дела, истакна на средбата градоначалникот Марин. Општина Аеродром, се вели во соопштението, заедно со Општина Прилеп и Општина Велес, каде што има училишта што го носат името на Блаже Конески, ќе организираат заедничка литературна средба на учениците што испратиле песни на објавениот конкурс што ќе се одржи на отворено во некои од парковите во Општина Аеродром. Вработените во Општината исто така ќе организираат посета на спомен-домот „Блаже Конески“ во село Небрегово за непосредно запознавање со неговиот лик и дело. аа/сп/

Остани поврзан