• среда, 18 декември 2024

Општината и полицијата во Тетово најавија решенија за сообраќајот и превентивни мерки за пиротехничките материјали

Општината и полицијата во Тетово најавија решенија за сообраќајот и превентивни мерки за пиротехничките материјали

Тетово, 2 декември 2024 (МИА) - Од Општина Тетово информираат дека градоначалникот Биљал Касами имал продуктивен состанок со новите раководители на Секторот за внатрешни работи (СВР) и полициските станици со фокус кон зајакнувањето на меѓуинституционалната соработка кога станува збор за регулирање на сообраќајот и спречување на употребата на пиротехнички средства.

-На состанокот беа дискутирани повеќе приоритетни прашања, вклучувајќи го регулирањето на сообраќајот и хаосот во градот, со посебен акцент на ослободувањето на нелегално окупираните простори за паркирање, елиминирање на двојните паркинзи и спречување на паркирањето на локации каде има автобуска постојка или во близина на контејнерите за отпад. Исто така, беше разгледано пронаоѓањето решенија за критичните точки во сообраќајот, каде често се создаваат застои, со фокус на реорганизацијата на булеварите и главните улици. Значајна тема беше и зголемувањето на безбедноста во основните и средни училишта преку дополнителни мерки за надзор и координација.  На крај, беше одлучено да се преземат превентивни мерки против употребата на пиротехнички средства, со цел да се обезбеди мирна и безбедна атмосфера за граѓаните во претстојниот празничен период, се вели во соопштението на Општина Тетово.

Касами разговaрал со Ријат Алији, началник на СВР-Тетово, Далибор Стојановски, заменик началник на СВР-Тетово, Синиша Јанковски, началник на Одделението за униформирана полиција, Мухамед Адеми, командир на Полициска станица за општина надлежност Тетово и Мирослав Димитриевски, командир на Полициската станица за безбедноста во патниот сообраќај.

Градоначалникот Касами оцени дека промените во раководните структури на СВР Тетово претставуваат нова можност за динамична и искрена соработка помеѓу двете институции, велат од Канцеларија за комуникации и односи со јавноста

-Безбедноста и редот се наш заеднички приоритет. Верувам дека само преку отворена комуникација и искрена соработка можеме да гарантираме безбедност, ред и благосостојба за Тетово, се вели во изјава на Касами која канцеларијата ја пренесува во соопштението.

Од таму со најава дека Општина Тетово и СВР Тетово ќе продолжат да работат рака под рака за да се справат со предизвиците и да понудат поквалитетни услуги во корист на граѓаните. ас/мч/

фото: МИА 

Остани поврзан