• недела, 24 ноември 2024

Општата болница во Кочани доби современ 3D ехоапарат

Општата болница во Кочани доби современ 3D ехоапарат

Кочани, 9 јули 2024 (МИА) – ЈЗУ Општа болница со проширена дејност – Кочани набави нов ехоапарат со револуционерна ZONE технологија што го прави приказот совршен до најситен детал.

Се работи за уред од марката Mindray Consona N8 што ќе се користи на болничкиот оддел за рентгенологија, но ќе има поширок опфат на пациенти и од другите одделенија. 

-Ехоапаратот поседува три сонди, од кои една конвексна и две линеарни. Наменет е за секаков вид прегледи при уролошко, гинеколошко и кардиолошко дијагностицирање, како и за преглед на мали делови на телото. Дел од техничките предности што ги има се автоматско мерење на дебелината на внатрешноста на ѕидот на артериите, панорамски приказ во реално време, автоматско мерење на волуменот на мочниот меур, совршен приказ при лоцирање на замастен црн дроб, иновативна 3D визуелизација и многу други. Исто така, уредот може да се користи и за преглед на дојки, со што значително ќе се подобри и олесни утврдувањето на одредени аномалии и воспоставувањето дијагноза, истакна Душанка Горгиева Трпевски, директорка на Општата болница – Кочани.

Новиот ехоапарат е дел од активностите за доопремување на кочанската болница, која кон крајот на минатата година обезбеди и опрема за компјутерска томографија, првенствено наменета за дијагностицирање на церебро-васкуларни и малигни болести, како и за заболувања на `рбетниот столб и `рбетниот мозок. та/дма/

 

Фото: МИА

Остани поврзан