• четврток, 26 декември 2024

ОПМ: Шеесет отсто од граѓаните се незадоволни од комуналните услуги

ОПМ: Шеесет отсто од граѓаните се незадоволни од комуналните услуги

Штип, 13 октомври 2022 (МИА) - Околу 60 отсто од граѓаните во земјава се изјасниле дека имале проблеми со комуналните услуги, покажаа истражувањата на Организација на потрошувачи на Македонија (ОПМ).

Од ОПМ денеска и утре со надлежните јавни претпријатија, невладини организации и претставници на институциите дебатираат за поплаките на граѓаните за комуналните услуги, но и да се формира и локален Совет за потрошувачи во Штип.

Татјана Тасевска правник во ОПМ вели дека покрај тоа што имаат поплаки за комуналните услиги, граѓаните се жалат дека и тешко се решаваат од страна на надлежните јавни претпријатија.

-Сметам дека дел од проблемите ќе се решат со формирање на Совет на потрошувачи, ние инициравме формирање на повеќе вакви Совети, веќе се формираше во Битола, Охрид, Кочани. Донесени се Програми и се реализираат. Тоа ќе биде место каде што потрошувачите, покрај јавните претпријатија ќе можат да се обратат, ако имаат некаков проблем со комуналните услуги ќе можат директно до Советот да се обратат, да упатат поплака, барања и да се реши проблемот, вели Тасевска.

Посочи дека мал е процентот на граѓаните, кои решиле проблемите со комуналните услуги да се решат по судски пат. Овој процент изнесува меѓу два до три посто.

-Навистина е мал процентот на решавање на покренување на судски постапки, дали е тоа причината недоверба во судството, дали скапите судски постапки, па нели треба да ангажирате, платите адвокат и судски такси. Сето тоа на некој начин ги одвраќа граѓаните од покренување на судска постапка, истакна Тасевска.

Претседателката на ОПМ, Маријана Лончар-Велкова вели дека споровите со јавните услуги треба да се решаваат побрзо, а едно од решенијата е и по електронски пат.

-Преку овој проект се планира и одредена платформа, преку којашто јавните претпријатија ќе ги решаваат и ќе имаме на едно место интегрирани услуги, вели Лончар.

Меѓудругото целта на проектот е и потрошувачите да се грижат за животната средина и како да дојдат до енергетски ефикасни производи по примери  во земјите од Европската унија. вдј/дма/

Остани поврзан