• вторник, 19 ноември 2024

ООН: Судан на катастрофална „точка на пукање“, војската не потврди учество на преговорите

ООН: Судан на катастрофална „точка на пукање“, војската не потврди учество на преговорите

Женева 12 август 2024 (МИА) – Хуманитарната криза во Судан достигна „катастрофална точка на пукање“ поради борбите и разорните поплави, соопшти денеска агенцијата на Обединетите нации за миграции пред мировните преговори планирани за оваа недела.

Одржувањето на преговорите е неизвесно бидејќи суданската војска сè уште не го потврди своето учество на состанокот во Швајцарија, кој се одржува со посредство на САД и Саудиска Арабија, изјави денеска американскиот пратеник за Судан, Том Перило, во Женева.

Спротивната страна во конфликтот, Силите за брза поддршка, соопштија дека ќе учествуваат.

Од април минатата година, Судан – земја на североистокот на Африка, јужно од Египет – потона во хаос поради судирите меѓу војската и паравоената формација Сили за брза поддршка, кои прераснаа во отворен конфликт, прво во главниот град Картум, а потоа и пошироко.

Западниот регион Дарфур е погоден од некои од најжестоките конфликти во оваа војна.

Конфликтот уби илјадници луѓе и многумина ги втурна во глад, се извршуваат масовни силувања и етнички мотивирани убиства што можат да се квалификуваат како воени злосторства и злосторства против човештвото, велат Обединетите нации и организациите за човекови права.

Војната предизвика најголема криза на раселување во светот, откако дури 10,7 милиони луѓе мораа да избегаат од своите домови за да ги спасат животите, посочува Меѓународната организација за миграции (IOM), додавајќи дека повеќе од два милиони луѓе избегале во соседните земји.

Минатата недела, катастрофалните поплави во 11 од 18 судански провинции само ја влошија трагедијата во оваа земја, убивајќи десетици луѓе и уништувајќи виталната инфраструктура, велат локалните власти.

„Сега сме на точка на пукање, катастрофална, катаклизмична точка на пукање“, изјави денеска регионалниот директор на IOM, Отман Белбеиси, додавајќи дека без итен, опсежен и координиран глобален одговор во наредните месеци постои ризик од „десетици илјади смртни случаи кои можат да се избегнат“.

Глобалните експерти минатиот месец потврдија дека гладот во големиот бегалски камп во Дарфур прераснал во вистинска глад.

Околу 25,6 милиони луѓе во Судан, што претставува половина од популацијата на оваа земја, ќе се соочат со акутен недостиг на храна, предупредуваат агенциите на ОН. ссм/

фото: ЕПА архива

Остани поврзан