• сабота, 12 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

ООН предупредува: Сè поголем ризик од злосторства против човештвото во Појасот Газа

ООН предупредува: Сè поголем ризик од злосторства против човештвото во Појасот Газа

Женева, 4 април 2025 (МИА) – Високиот комесар на ООН за човекови права Волкер Турк предупреди дека постои сè поголем ризик од злосторства против човештвото во Појасот Газа, поради ескалацијата на конфликтот меѓу Израел и Палестинците.

На итен состанок на Советот за човекови права во Женева, Турк изјави дека „краткотрајното олеснување што го донесе примирјето е уништено, а Палестинците повторно се изложени на жестоки напади“.

Според податоците на Министерството за здравство во Газа, од 1 март израелските воени операции усмртиле повеќе од 1.200 Палестинци, од кои најмалку 320 биле деца, се наведува во соопштението на ООН.

Турк изрази шокираност од убиствата на медицински и хуманитарни работници и побара итна, независна истрага. Тој нагласи дека во Газа не постојат безбедни места, бидејќи повеќе од половина од територијата е под задолжителна евакуација или е прогласена за забранета зона.

Истовремено, комесарот на ООН изрази загриженост за судбината на израелските заложници кои сè уште се во Газа и потсети дека Израел веќе еден месец има целосна блокада на хуманитарната помош, што го оцени како „колективна казна и потенцијална употреба на глад како воено средство“.

Тој предупреди и на зголемената агресивна реторика на израелските власти за анексија и поделба на териториите, што е спротивно на меѓународното право. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан