• среда, 27 ноември 2024

ОН: „Фосилната вода“ може да биде спас за милијарди луѓе

ОН: „Фосилната вода“ може да биде спас за милијарди луѓе
26 март 2022 Хина - Загреб Недостигот на вода, што сега погодува милијарди луѓе ширум светот, ќе се влоши во наредните децении, а тоа е поврзано со сушата, загадувањето, подигнување на нивото на морето и лошото управување. Но, невидливото решение, можеби се крие под земјата. Во следните три децении, потрошувачката на вода ќе се зголемува секоја година за еден отсто. Извештајот на Обединетите нации, објавен во понеделникот, предвидува дека важноста на подземните води ќе се зголеми, кога климатските промени и човечкото искористување на природните ресурси, ќе ја намалат површинската вода, како што е таа во езерата. Подземните води, што сочинуваат 99 отсто од светските резерви на вода за пиење, денес се потценети и за нив не се знае многу, со нив лошо се управува, па дури и се злоупотребуваат, се наведува во извештајот на Обединетите нации. „Што ако решението е веднаш под нашите нозе?“ Дури 4.6 милијарди луѓе, барем месец дена, немале задоволувачки пристап до вода во 2018 година, а истражувачите очекуваат бројката до 2050 да порасне и до пет милијарди. „Што ако решението за светските проблеми со вода се наоѓа веднаш под нашите нозе?“, вели Ричард Конор, главен уредник на извештајот објавен од УНЕСКО. Кога би се успеало на одржлив начин да се искористи цела таа подземна вода, тоа би било огромна можност, тврди Конор. Додека светската популација е во пораст, а со тоа и притисокот врз резервните води, еве причини поради што треба повеќе внимание да се посвети на потенцијалот на подземните води и да се преземат чекори што ќе овозможат правилно управување со нив. Зошто се важни подземните води и каква е користа од нив? Само еден отсто од водата на земјата е вода за пиење, најмногу ја има во глечерите, а остатокот е солена вода во океаните. Дури 99 отсто од питката вода е под земја Дури 99 отсто од питката вода се наоѓа под земја, каде нејзиниот квалитет е претежно добар. Затоа може да се користи безбедно, евтино и без потреба од посебна обработка. Водата складирана над земја, како во вештачките езера, е ограничен ресурс, често скап и чувствителен на загадување и последици од климатски промени како суша. Начинот како се искористува таа вода, може да има и еколошки и социјални последици. За споредба, од 10 до 20 отсто од подземните води природно се обновуваат и се наоѓаат на плитки длабочини, што ги прави лесно достапни. Остатокот е „фосилна вода“, под земја илјадници, па, дури и милиони години. Не се обновува, но, затоа ја има во големи количини. Системите за подземна вода се важни за областите богати со флора и фауна, како што се шумите, но и за земјоделството, каде што подземните води сочинуваат четвртина од вкупното искористување на водата, се истакнува во извештајот на ОН. Подземните резерви сочинуваат отприлика половина вода, што ја користи светската популација и станува збор за најевтин извор на питка вода за жители на рурални средини, од кои, најголем дел, немаат пристап до јавни или до приватни системи за водоснабдување. Како се злоупотребуваат резервите на подземните води? Прекумерното искористување може да има тешки последици, вклучително и одрони и конфликти поврзани со недостиг на резерви. Во главниот град на Индонезија, Џакарта, брзата урбанизација доведе до тоа, многу граѓани да се потпираат на бунари, што ги цедат подземните водоносни слоеви. Поради тоа, огромниот град секоја година се спушта за пет до 10 сантиметри. Подземните води може да се загадат со несоодветна санитација и полски тоалети, како и со индустриско загадување, рударски и земјоделски хемикалии. Конор, уредникот на извештајот на ОН, забележа дека подземните води се помалку чувствителни на загадување, за разлика од резервите над земјата. Но, еднаш ако дојде до загадување, тешко е да се спаси водата, појасни тој. Конор повика на акција насочена кон заштита на подземните води, преку зајакнување на услугите за животната средина, регулатива и спроведување. Кои се предизвиците при користење повеќе подземни води? Области како субсахарска Африка, имаат лошо развиено снабдување со вода и малку наводнување за земјоделството. Поради тоа, областа е зависна од сè понестабилните врнежи и ранлива е на суша, што може да предизвика глад, сиромаштија и масовна миграција. Субсахарска Африка, како и Блискиот Исток, содржат значајни резерви на подземни води, што во голема количина не се користат. Кога би се користеле на контролиран начин, би можеле да допринесат за водоснабдување. Владите мораат да вложуваат во водоснабдување и во институции, мораат да обучуваат професионалци, со цел да можат да им пристапат на овие резерви на одржлив начин, пишува во извештајот на ОН. Развојот на изворите на подземните води, исто така, може да го поттикне економскиот развој, со проширување на наводнувањето на земјоделското земјиште, како и подобрување на земјоделските приноси и разновидноста на културите. Надвор од Австралија, Европа, САД, нема многу податоци за подземните води. Тука влегува и она, за тоа, колку вода е генерално достапна на различни длабочини, каков е квалитетот и какво е нивото на соленост. „Ви требаат знаење и податоци“ Но, фирмите што се занимаваат со истражување на нафта, гас и на минерали, неретко собираат доста информации за подземјето, вклучувајќи и каква вода содржи. Овие компании, може да се обврзат да ги споделат своите информации за подземните води, со службите задолжени за управување со нив. Тоа би можело да го поддржи одржливото искористување, смета Конор. „Ви требаат знаење и податоци за да знаете колку вода има, со каков квалитет е, но и каде се наоѓа и колку брзо се обновува“, додава Конор. бд/ссм/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан