ОН: Русија употреби систематско мачење на цивили за време на нападите врз Украина
- Во Советот за човекови права на Обединетите нации денеска е поднесен извештај на независна комисија, во кој се наведува дека Русија употребувала систематска и широко распространета тортура на цивили, вклучително и киднапирања, за време на нејзините напади врз Украина, што претставува злосторство против човештвото.

Њујорк, 19 март 2025 (МИА) – Во Советот за човекови права на Обединетите нации денеска е поднесен извештај на независна комисија, во кој се наведува дека Русија употребувала систематска и широко распространета тортура на цивили, вклучително и киднапирања, за време на нејзините напади врз Украина, што претставува злосторство против човештвото.
Во новиот извештај, по истрагата на независната меѓународна комисија на ОН, се наведува дека голем број украински цивили биле приведени во областите кои биле под руска контрола или биле депортирани во Русија, каде што некои подоцна претрпеле тортура и сексуално насилство.
Претседателот на Комисијата Ерик Месе рече дека Русија не соопшти каде се наоѓаат Украинците кои се водат како исчезнати.
Меѓународниот комитет на Црвениот крст во февруари соопшти дека 50.000 луѓе биле пријавени како исчезнати во војната меѓу Украина и Русија во текот на минатата година.
Руската мисија во Женева соопшти дека нема да коментира „политизирани и еднострани извештаи“. Русија претходно негираше тортура или други форми на мачење на воени затвореници.
Украина побара Советот за човекови права на ОН да го обнови мандатот на комисијата, за што ќе одлучи во април. јт/
Фото: МИА архива