• среда, 25 декември 2024

ОН: Рекордно висока стапката на неисхранетост во Авганистан

ОН: Рекордно висока стапката на неисхранетост во Авганистан

Кабул, 26 јануари 2023 (МИА) – Стапката на неисхранетост во Авганистан е на рекордно високо ниво, а половина од земјата се соочува со силен глад во текот на годината, изјави денеска портпаролот на Светската програма за храна на Обединетите нации, Филип Кропф.

Тој додаде дека седум милиони деца под пет години и мајки се неисхранети во земја со 40 милиони жители.

Хуманитарните организации им помагаат на Авганистанците со храна, образование и здравје, но и со греење, пари за гориво и топла облека. Но, дистрибуцијата беше сериозно погодена од забраната на жените во Авганистан да работат во државни и меѓународни невладини организации.

Забраната дојде во најлошото можно време. Семејствата и заедниците не знаат од каде доаѓа нивниот следен оброк, истакна Кропф.

Светската програма за храна ги зголеми испораките пред зимата, но нивната работа е отежната поради фактот што 19 партнерски невладини организации престанаа да работат во земјата поради забраната на талибанците.

По одлуката за забрана донесена на 24 декември минатата година, 115 од 437 мобилни здравствени амбуланти престанаа да работат, при што беа погодени 82.000 деца, бремени жени и доилки. Програмите со кои се доставува храна до училиштата за ужина, исто така, беа прекинати, што влијае на 616.000 ученици.

Санкциите против талибанските лидери, суспендираните трансфери меѓу банките и замрзнатите милијарди финансиски резерви на Авганистан го ограничија пристапот до меѓународните институции и парите од странство, од кои зависеше економијата на земјата пред повлекувањето на силите на САД и НАТО. ми/

Остани поврзан