• понеделник, 18 ноември 2024

ОН предупредуваат дека во Газа не влегуваат доволно хуманитарни конвои

ОН предупредуваат дека во Газа не влегуваат доволно хуманитарни конвои

Женева, 12 јануари 2024 (МИА) – Само пет од 24 планирани хуманитарни испораки беа извршени во северниот дел на Газа во првите 11 дена од 2024 година, соопшти денеска Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарните прашања (ОЦХА) во Појасот Газа.

Израелските власти одбија неколку планирани испораки за надополнување на лекови и залихи во градот Газа, соопшти канцеларијата на ОН.

Другите конвои, наменети за испорака на храна, вода за пиење и други витални резерви, како и лекови, не поминаа. Тие беа задржани предолго на израелските контролни пунктови или затоа што договорените рути не можеа да се искористат.

Според ОЦХА, болниците на север затоа немаат доволно материјал за згрижување на болните и повредените.

Светската здравствена организација (СЗО) проценува дека од 300.000 до 400.000 луѓе сè уште живеат на северот на Газа, откако поголемиот дел од населението побегна на југ по почетокот на израелската воена кампања.

„Секој ден на пропуштена помош резултира со изгубени животи и страдања за стотици илјади луѓе кои остануваат во северниот дел на Газа“, соопшти ОЦХА.

Канцеларијата на ОН, исто така, предупреди на потенцијални немири поради недостигот на хуманитарна помош што пристигнува во Газа.

Неколкуте конвои на ОН кои пристигнаа во северниот дел на Газа беа запрени и испразнети веднаш зад контролниот пункт, изјави денеска претставник на ОЦХА.

„Тоа е ситуација на очај што можете да ја почувствувате“, рече Андреа Де Доменико, локалниот шеф на ОЦХА.

Тој нагласи дека луѓето не биле агресивни, туку гладуваат и итно им е потребна поголема помош. „Оваа тензија ќе се зголеми ако не ги зголемиме нашите операции“, додаде тој.

Вработените во ОН кои отпатуваа на северот на Газа оваа недела изјавија дека виделе тела како лежат на пат зад израелски контролни пунктови.

Според официјален претставник на ОН се работи за „несфатливо ниво на нечовечност“.

Премногу конвои се блокирани од израелските власти, особено испораката на гориво до болниците, рече Де Доменико. Израел стравува дека испораката на гориво може да заврши во рацете на Хамас и да се користи за напади врз Израел.

Израел ја напада Газа откако терористите од Хамас и други екстремистички групи ги извршија најлошите масакри во историјата на Израел на 7 октомври, при што загинаа околу 1.200 луѓе.

Според здравствените власти во Газа контролирани од Хамас, 23.708 луѓе се убиени во опколеиот крајбрежен појас од почетокот на израелската кампања. Се вели дека околу 60.000 се повредени.

Бројките не можат независно да се проверат.

Според Детскиот фонд на ОН УНИЦЕФ, најмалку 70.000 деца сега страдаат од дијареја поради катастрофалните хигиенски услови во Газа. Без лекување, ова може да биде опасно по живот за малите деца. Околу 135.000 малолетници се изложени на ризик од акутна неухранетост, рече Лусија Елми, претставник на УНИЦЕФ на палестинските територии. јт/

Фото: ДПА

Остани поврзан