• петок, 20 декември 2024

ОН: Повеќе од 10 милиони Украинци ги напуштија своите домови од почетокот на војната

ОН: Повеќе од 10 милиони Украинци ги напуштија своите домови од почетокот на војната
Њујорк, 30 март 2022 (МИА) – Повеќе од 10 милиони Украинци ги напуштија своите домови од почетокот на војната, вклучително и повеќе од половина од детската популација во Украина, соопштија ОН. Од нив, 6,5 милиони луѓе се раселени во Украина, а 3,9 милиони избегале во соседните земји, изјави заменик-координаторот на ОН за хуманитарни прашања Џојс Мсуја. Мсуја вели дека хуманитарната помош се зголемува секој ден и оти повеќе од 1.230 вработени во ОН работат со 100 хуманитарни организации низ Украина. - Украина е хуманитарен парадокс: рамо до рамо со екстремното насилство, гледаме екстремна љубезност, длабока солидарност и грижа, рече Мсуја, опишувајќи ја хуманитарната ситуација на терен. Таа наведе дека првиот конвој на ОН пристигнал во Суми на 18 март, доставувајќи 130 тони медицински материјали, вода, готови оброци и конзервирана храна на 35.000 луѓе. Вториот конвој на ОН пристигна во Харков во понеделникот. - За да обезбедиме поголема хуманитарна поддршка, потребен ни е детален, реален договор за хуманитарни прекини на огнот и паузи за да се овозможи помошта да влезе и луѓето да заминат, рече таа и додаде дека „ситуацијата во Украина е плодна почва за трговците со луѓе и предатори кои ја користат можноста што ја дава нестабилноста поради војната“. - Хуманитарните организации се загрижени за ризикот од трговија со луѓе, како и за сексуалното насилство, експлоатација и злоупотреба во Украина и во регионот. Предаторите ги мамат самохраните родители со ветувања за превоз и сместување, нагласи таа. ОН соопштија дека ги зголемуваат услугите за заштита на Украинците кои бегаат од земјата и во земјата. Тие им обезбедуваат достапни информации за безбедни опции и рути, пристап до линии за помош и безбедно засолниште. јт/

Остани поврзан