• четврток, 05 март 2026

ОН: Најмалку 42 цивили убиени во Авганистан за време на конфликтот со Пакистан

ОН: Најмалку 42 цивили убиени во Авганистан за време на конфликтот со Пакистан

Кабул, 3 март 2026 (МИА) - Мисијата на Обединетите нации во Авганистан денеска соопшти дека за време на конфликтот со Пакистан, од 26 февруари до 2 март, во оваа земја се убиени најмалку 42 цивили.

Борбите меѓу Авганистан и Пакистан продолжуваат шести ден по ред, откако двете земји потврдија дека нивните армии ги нападнале позициите на другата страна долж границата.

Британските медиуми пренесуваат дека иако судирите сега се со помал интензитет отколку на почетокот, ниту една страна не покажува знаци на намалување на тензиите.

Конфликтот, што се води долж заедничката граница од 2.600 километри, е најжестокиот во последните години и започна кога талибанците во Авганистан започнаа напади врз пакистански цели како одговор на нападите на Пакистан врз милитантите во Авганистан.

Авганистанската армија вчера соопшти дека уништила пакистански оклопен тенк во покраината Пактика откако отворил оган врз Авганистан.

Авганистанците тврдат дека убиле повеќе од 100 пакистански војници и освоиле 25 пакистански воени позиции.

Авганистанската полиција објави дека пакистанските авиони се обиделе да ја бомбардираат воздухопловната база Баграм, но биле одбиени од руско противвоздушно оружје, без жртви.

Пакистанските власти тврдат дека нивните воздушни и копнени напади продолжиле, уништувајќи складишта со муниција и беспилотни летала во Џалалабад.

Како што велат, Пакистан досега уби 435 авганистански војници и уништи 188 воени позиции.

Британските медиуми пренесуваат дека двете страни тврдат дека им нанеле големи загуби на своите соперници, но бројките што ги презентираа не се потврдени.

Конфликтите меѓу Авганистан и Пакистан се засноваат на обвинувањата на Пакистан дека Авганистан крие милитанти. Авганистан ги негира овие обвинувања, нагласувајќи дека не дозволува користење на неговата територија против други земји.сд/јт/

Фото:МИА архива

Остани поврзан