ОН: Изградбата на нови израелски населби на палестинските територии претставува воено злосторство
- - Префрлањето на дел од сопственото население од страна на Израел на територијата што ја окупираше е еднакво на воено злосторство, рече Турк.

Женева, 18 март 2025 (МИА) - Забрзаното израелско населување на окупираните палестински територии е еднакво на воено злосторство, изјави високиот комесар на Обединетите нации за човекови права Фолкер Турк.
Канцеларијата на Високиот комесар во извештајот рече дека забележал опширно израелско кршење на меѓународното право.
Додека конечната одлука за таквите злосторства зависи од судовите, Меѓународниот кривичен суд во Хаг моментално ги истражува израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и палестинските милитантни водачи за можни воени злосторства.
Израелската влада редовно ги отфрла наодите на ОХХР, како и на Советот за човекови права на ОН, обвинувајќи ги телата со седиште во Женева дека се пристрасни кон Израел.
- Префрлањето на дел од сопственото население од страна на Израел на територијата што ја окупираше е еднакво на воено злосторство, рече Турк.
Неговата канцеларија документираше значително зголемување на населбите помеѓу 1 ноември 2023 и 31 октомври 2024 година на Западниот Брег и Источен Ерусалим.
Само во Источен Ерусалим се преземени првични чекори за изградба на 20.000 нови станбени единици.
Израел го освои и анектираше Источен Ерусалим во Шестдневната војна во 1967 година. Анексијата не е призната според меѓународното право.
Презентирани се и плановите за изградба на 10.300 нови станбени единици во постојните населени места на Западниот Брег. Извештајот го истакнува формирањето на 49 нови населени места во набљудуваниот период, што е повеќе отколку во претходните 12 месеци.
Драстично е зголемено и присилното раселување на Палестинците, со околу 4.500 раселени, што е речиси три пати повеќе од бројот една година порано. Во источен Ерусалим, 214 палестински структури биле уништени, а речиси 1.800 се уништени на други места на Западниот Брег.
-Израел мора веднаш и целосно да ги запре сите активности на населување и да ги евакуира сите доселеници, да го запре присилното преместување на палестинското население и да ги спречи и казни нападите на неговите безбедносни сили и доселениците, рече Турк.сд
фото:МИА архива