• недела, 24 ноември 2024

ОН загрижени поради смртта на Иранката Амини и задушувањето на демонстрациите во Иран

ОН загрижени поради смртта на Иранката Амини и задушувањето на демонстрациите во Иран
Женева, 20 септември 2022 (МИА) - ОН ја изразија својата загриженост за насилството и репресијата од страна на иранските власти врз демонстрантите, кои протестираат поради смртта на младата Иранка Махса Амини, која беше приведена од полицијата.
„Вршителот на должноста висок комесар на ОН за човекови права Нада Ал Нашиф ја изрази својата загриженост поради смртта на Амини, која беше приведена поради кршење на строгите прописи за задолжително носење хиџаб, како и за насилната реакција на безбедносните сили на демонстрациите што следеа по нејзината смрт во притвор“, се наведува во соопштението на Високиот комесаријат на ОН.
Ал Нашиф рече дека трагичната смрт на Махса Амини и наводите за нејзиното малтретирање треба итно да се истражат, дека надлежното независно тело треба да спроведе непристрасна и ефикасна истрага која ќе посвети посебно внимание нејзиното семејство да има пристап до правдата и вистината.
Портпаролката на Високиот комесаријат на ОН, според достапните информации, рече дека од две до пет лица загинале за време на демонстрациите организирани во неколку градови, како и во главниот град Техеран.
Дваесет и двегодишната Махса Амини, по потекло од регионот на северозападниот дел на Курдистан, беше уапсена минатата недела додека со своето семејство беше во посета на Техеран. Таа почина во петокот во болница по три дена во кома.
Според иранските власти, таа починала од природна смрт, но според информациите на Високиот комесаријат на ОН, таа била погодена во главата, односно главата и била удрена во полициското возило. паг/

Тагови

Остани поврзан