• вторник, 24 декември 2024

ОН бараат прекин на засилените судири меѓу Хезболах и Израел

ОН бараат прекин на засилените судири меѓу Хезболах и Израел

Њујорк, 28 август 2024 (МИА) – Советот за безбедност на Обединетите нации денеска повика на прекин на зголемените напади меѓу либанскиот Хезболах и израелската армија и предупреди дека понатамошната ескалација „носи висок ризик да доведе до поширок конфликт.

Во резолуцијата едногласно усвоена од 15 членки, Советот за безбедност бара Израел и Хезболах да престанат со непријателствата и апелира до „релевантните актери“ да го вратат „мирот, воздржаноста и стабилноста“.

Во текот на викендот имаше интензивна размена на оган меѓу двете страни на границата. Иако долгогодишни непријатели, конфликтот меѓу Хезболах и Израел ескалира со почетокот на војната во Газа.

- Вие и вашата влада мора да направите избор, да се соочите со Хезболах денес или да гледате како вашата земја е вовлечена во хаос и уништување, им рече на Либанците израелскиот амбасадор во ОН, Дени Данон, пред гласањето во Советот за безбедност.

Со резолуцијата, предложена од Франција, е продолжен за уште една година и мандатот на мировните сили на ОН во Либан, УНИФИЛ, кои се присутни во земјата од 1978 година.

УНИФИЛ беа формирани за да го надгледуваат повлекувањето на израелската армија од јужен Либан по инвазијата во 1978 година.

Советот за безбедност ја прошири мисијата по војната меѓу Израел и Хезболах во 2006 година за да можат мировните сили да се распоредат долж либанско-израелската граница и да и помогнат на либанската армија да го врати суверенитетот на југот на земјата за прв пат по децении.

Поддржувачите на Хезболах во Либан често ја обвинуваат мисијата на ОН за дослух со Израел, додека Израел ги обвинува мировниците дека замижуваат пред воените активности на Хезболах во јужен Либан. јт/

Остани поврзан