• среда, 18 декември 2024

Онлајн преписка меѓу Зеленски и Орбан

Онлајн преписка меѓу Зеленски и Орбан

Киев, 11 декември 2024 (МИА) – Украинскиот претседател Володимир Зеленски го критикуваше унгарскиот премиер Виктор Орбан за неговиот телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин, во кој дискутирале за војната во Украина.

- Никој не треба да го зајакнува личниот имиџ на сметка на единството; секој треба да се фокусира на заедничкиот успех. Единството во Европа отсекогаш било клучно за да се постигне тоа. Не може да се разговара за војната што Русија ја води против Украина без Украина, напиша Зеленски на Х.

- Сите се надеваме дека Орбан барем нема да му се јави на Асад во Москва да ги слуша неговите едночасовни предавања, додаде Зеленски.

Тој повторни дека е „апсолутно јасно дека за постигнување вистински мир и загарантирана безбедност е потребна одлучност на Америка, единство на Европа и непоколеблива посветеност на сите партнери кон целите и принципите на Повелбата на ОН“.

- Благодарен сум на Доналд Трамп и многу европски лидери со кои веќе работиме на изнаоѓање вистински и силни решенија за вистински мир, напиша украинскиот претседател.

Орбан му одговори на Зеленски дека на крајот од унгарското претседателство со ЕУ, „направивме нови напори за мир“.

- Предложивме Божиќен прекин на огнот и голема размена на затвореници. Жално е што Зеленски ова денеска јасно го одби и го отфрли. Направивме што можевме!, истакна Орбан.

Тој претходно денеска информира дека имал едночасовен телефонски разговор со Путин и напиша дека „ова се најопасните недели од руско-украинската војна“.

- Ги преземаме сите можни дипломатски чекори за да постигнеме прекин на огнот и мировни разговори, напиша Орбан.

И Кремљ соопшти дека Путин во телефонски разговор му рекол на Орбан дека политиката на Киев продолжува да исклучува мирно решавање на конфликтот. Во соопштението не е прецизирано кога се случил телефонскиот повик. јт/

Остани поврзан