• четврток, 26 декември 2024

ОН: Масовните гробници во Мариупол може да имаат и до 200 тела

ОН: Масовните гробници во Мариупол може да имаат и до 200 тела

Мариупол, 25 март 2022 (МИА) - Гранатирањата врз Мариупол се толку тешки што локалните власти проценуваат дека околи 80 проценти од градбите се уништени или тешко оштетени.

Масовните гробници во украинскиот јужен град Мариупол, кој е под опсада, може да имаат и до 200 тела, предупредува шефица на мисијата на ОН за набљудување на човековите права во Украина, Матилда Богнер.

Богнер, рече дека нејзиниот тим се обидува да го процени обемот на цивилните жртви.

„Успеавме да добиеме сателитски информации за една од масовните гробници, и нашите проценки се дека во една од тие масовни гробници може да има и до 200 лица“, изјави таа.

Но, „тоа не значи дека сите се цивилни жртви“, додаде таа, бидејќи бројките на ОН не ги вклучуваат воените жртви и тие кои умреле од други причини за време на војна.

Канцеларијата на ОН за заштита на човековите права, која има 50 лица во Украина, регистрираше 1.035 цивили убиени од почетокот на руската инвазија на 24 февруари. Сепак, бројот на жртвите може да е  поголем од официјалните бројки, поради тешкотијата да се проверат извештаите и да се добијат информации од областите погодени од војна.

Овој тим ги истражува наводите за кршење на човековите права, како што е пукањето во цивилни возила кои бегаат од воените зони, исчезнувањето на украинските функционери и новинари и принудното преместување на цивилите на територијата што ја контролира Русија. аа/

Остани поврзан