• петок, 27 декември 2024

Омаж за Омер Калеши: Човек кој го бранеше достоинството на убавината на балканската цивилизација

Омаж за Омер Калеши: Човек кој го бранеше достоинството на убавината на балканската цивилизација
Скопје, 17 јуни 2022 (МИА) - Во својот богат творечки опус Калеши до крајот на животот останува доследен на своите корени. Фокусирајќи се на ликот на обичниот човек, нагласувајќи ја главата, како симбол на човековиот дух. Човек кој го бранеше достоинството на убавината на балканската цивилизација и сите културолошки соединувања, наспроти наметнатите разединувања. Ова беа главните пораки од денешниот омаж за македонскиот и француски сликар Омер Калеши што се одржа во во Чифте Амам во организација на Националната галерија, а на кој присуствуваа уметници, професори, културни работници, но и членови од неговото семејство. Директорката на Националната галерија Дита Старова Ќерими посочи дека Калеши секогаш беше присутен во нашата држава и токму овој период треба да биде моментот со кој ќе му оддадеме почит за сето културно наследство кое ни го остави. -Имаме среќа вакви личности да бидат дел од нашата земја, чие културно наследство го оставија токму во Македонија, изјави Старова Ќерими. Според професорот Ферид Мухиќ, патот на Калеши, од исток кон запад, од Истанбул, Скопје, Париз е „Патот на свилата“ на културите, јазиците, религиите, разбирањето, почитувањето. -Ако не беше Луан Старова, најверојатно немаше да го сретнам и Омер Калеши. На промоцијата на книгата на Старова во МАНУ се запознав со Калеши. Средбата со него прерасна во едно интересно дружење, од хумор до езотерични сфери, за да резултира на крај, јас да напишам книга зе неговото сликарство. Низ своето богато творешто ги обедини трите балкански земји кои се негови татковини, Македонија, Албанија и Турција. Патот на Калеши, од исток кон запад, од Истанбул, Скопје, Париз е „Патот на свилата“ на културите, јазиците, религиите, разбирањето, почитувањето, додаде Мухиќ. Академик Луан Старова, во еден осврт за творештвото на Калеши, зборува за обидите на голем број уметници во книжевноста, сликарството и музиката да ја осознаат сплотеноста на уметничкото творештво низ петте века од отоманскиот период. Национална галерија изрази благодарност кон сите кои оддадоа почит кон ликот и делото на Омер Калеши.бт/лв/

Тагови

Остани поврзан