• петок, 27 декември 2024

Омаж за др. Анастас Коцарев во Бонди, Париз

Омаж за др. Анастас Коцарев во Бонди, Париз

Скопје, 25 март 2024 (МИА) - Во организација на здружението „Заборавени Македонци“ вчера на Градските гробишта во париската општина Бонди Македонците од Париз и околината, но и од други градови од Франција заедно со градоначалникот на општината Стефен Ерве се поклонија на гробот на д-р Анастас Коцарев и одржаа пригодни говори за неговата научна работа и неговите заложби за независна држава Македонија на Париската мировна конференција во 1919 година. Оваа година се навршуваат 134 години од раѓањето и 93 години од смртта на светски познатиот научник од македонско потекло.

И оваа година на настанот присуствуваа потомци на семејството Коцареви (д-р Предраг Николовски од Италија) и семејството Пинел (Женевјев Брине од Париз), давајќи ѝ континуиран респект на љубовната врска која ги врзувала двајцата млади партнери Анастас Коцарев и Сесил Пинел во периодот од 1928 до 1931 година, а преку нив и негување на пријателските француско-македонски културни врски.

Д-р Анастас Коцарев е роден во Охрид, на 26 март 1890 во старо и угледно охридско семејство Коцареви. Основно образование завршил во Охрид, гимназија во Солун и Медицински факултет во Женева каде докторирал и останал да работи на Женевскиот универзитет како асистент, потоа како лекар и приватен доцент по онкологија на универзитетската клиника. Во 1928 година со својата вереница, парижанката Сесил Пинел се населил во Париз каде мистериозно починал на 28 март 1931 година.

Д-р Коцарев со својата научна работа бил посветен на проблемот на дијагностицирање и лекување на ракот со примена на радиум. Ова истражување ќе го насочи на тесна соработка со познатата нобеловка Мари Склодовска-Кири која во тоа време била професор и директор на лабораторијата за радиум на Универзитетот Сорбона во Париз. Бил еден од пионерите на радиотерапијата и радиографијата и првиот научник во светот кој направил рендгенографија на фотографска плоча на пациент заболен од рак.

Покрај неговата професионална преокупација - медицината, д-р Анастас Коцарев во текот на Првата светска војна, и по неа, развил жива политичка активност во Швајцарија и се залагал „за единствена и независна држава Македонија“.

Во 1918 година ги обединил македонските друштва од Цирих и Лозана во заедничко Друштво на Македонците за независна Македонија, а подоцна бил основан и Генералниот совет на македонските друштва во Швајцарија (Conseil general des Sociétés macédoniennes) на кое Коцарев бил избран за претседател. Во 1919 година, во текот на Париската мировна конференција во Париз д-р Коцарев во име на Главниот одбор поднел барање да испрати тричлена комисија која би ги застапувала интересите на македонскиот народ, но нивното барање било одбиено од преговарачите на конференцијата.

Претседателката на здружението „Заборавени Македонци“, Соња Кировски изјави дека нејзиниот тим и понатаму останува посветен на ликот и делото на д-р Коцарев и секоја година организира комеморации на неговиот гроб и пригодни одбележувања на различни локации каде работел светски познатиот онколог.

-Минатата година, на покана на нашето здружение во Париз за првпат престојуваше делегација од Македонија предводена од градоначалникот на Охрид г. Кирил Пецаков и беа воспоставени блиски врски меѓу двата града (Бонди и Охрид), а со свое присуство бевме удостоени и од неговата внука Соња Коцарева-Трпезановска и претседателот на Македонската академија на науките и уметностите академик Љупчо Коцарев, исто така потомок на научникот, изјави Соња Кировски.

Во чест на д-р Коцарев, здружението „Заборавени Македонци“ организираше и концерт во македонската православна црква „Св.Кирил и Методиј“ во Париз каде со аплаузи беше пречекана и испратена музичката двојка Елена Стојчевска (флејта) и Роман Петио (гитара) кои настапија пред македонската публика. Претходно, домаќинот на единствениот македонски храм во Франција, отец Даниел Стојчевски одржа литургија, наведуваат од Здружението вг/

Фото: Здружение „Заборавени Македонци“

Остани поврзан