• сабота, 23 ноември 2024

Омаж во чест на академик Анте Поповски 

Омаж во чест на академик Анте Поповски 

Скопје, 27 октомври 2023 (МИА) - Омаж по повод 20-годишнината од упокојувањето на бардот на современата македонска поезија, академик Анте Поповски се одржа синоќа во Културно-информативниот центар – Скопје. 

Орагнизатор е Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски „Антево перо“.

Со гласот на Анте Поповски и интерпретација на негови стихови од артистот Славко Нинов, присутните се потсетија уште еднаш на ликот и делото на овој наш книжевен великан. 

Програмата ја водеше м-р Митра Блажевска, а за делото и творештвото на Анте Поповски зборуваше проф. д-р Венко Андоновски, дописен член на МАНУ.

Во изведба на артистката Софија Гогова Врчаковска присутните имаа можност да слушнат дел од првото пеење „Каин и Авел“ од грандиозното дело на Поповски „Света песна“, а потоа од страна на Александар Поповски ѝ беше врачено признанието познато како „Антева златна книга“. Наградата се состои од фототипно издание на збирката „Две тишини“ позната и како „Париска тетратка“ од Анте Поповски.

- Почесното признание, кое Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски – „Антево перо“ го доделува на истакнати личности, на Врчаковска ѝ припадна за нејзината повеќедецениска континуирана афирмација на творештвото на Анте Поповски, пред сѐ, на програмите на Македонската радио и телевизија, но и на повеќе настани организирани во негова чест по разни поводи, соопшти организаторот. 

Врчаковска, заблагодарувајќи се на наградата, потсети на одделни епизоди од соработката со Анте Поповски. За бележитиот претставник на македонската модерна книжевност и лекар по професија Анте Поповски, обраќање имаше и проф. д-р Миодраг Врчаковски.

Во функција на доосветлување на високите уметнички и творечки достигнувања на Поповски, д-р Атина Цветаноска ја промовираше комбинираната веб-страница, која е дел од првата фаза на дигитализацијата на целокупната оставнина на овој наш истакнат поет.

Страницата содржи бројни значајни податоци за творештвото на Анте Поповски, за Здружението, кое се грижи за чување и афирмација на неговото дело, како и за реализацијата на шесте досегашни изданија на Меѓународната манифестација „Анте Поповски – Антево перо“.

Ликовниот уметник, хуманист и миротворец Живко Поповски - Цветин потсети на плодната соработка со македонскиот книжевен великан, а на неговиот син Жорж Поповски му врачи „Цветинова награда за мир“.

Анте Поповски беше поет, есеист, препејувач, публицист. Роден е на 3 јуни 1931 година во село Лазарополе, а почина на 1 октомври 2003 година во Скопје. Завршил Медицински факултет во Скопје. Бил член на Извршниот совет на СР Македонија, директор на весникот „Нова Македонија“ и на „Вардар филм“, потпретседател на републичката комисија за културни врски со странство (во СРМ), претседател на Друштвото на писателите на Македонија (два мандата), претседател на Советот на Струшките вечери на поезијата (два мандата). Член на МАНУ. Член на Македонскиот ПЕН центар. Автор е на 15 поетски книги. Неговата поезија е преведена на многу светски јазици и е добитник на наградите-„Браќа Миладиновци“, „11 Октомври“, „Кочо Рацин“, „Ацо Шопов“, „Гоцевата повелба“ и на меѓународната награда „Premio Europa“. мд/нд/

Фото: Здружение за зачувување на делото на Анте Поповски „Антево перо“ 

Остани поврзан