• среда, 25 декември 2024

Олимпискиот оган дочекан со спектакуларна парада во Марсеј

Олимпискиот оган дочекан со спектакуларна парада во Марсеј

 

Марсеј, 8 мај 2024 (МИА) – Историскиот едреник со три јарболи „Белем“ денеска го донесе олимпискиот оган во Франција, пречекан од 1.024 бродови на спектакуларна парада во пристаништето во Марсеј, точно 79 денови пред почетокот на Игрите во Париз.

Звуци на гајди, сирени и труби се слушаа од бродовите кои го славеа пристигнувањето на олимпискиот факел, дванаесет денови откако „Белем“ исплови од Грција.

Бродот „Белем“ е изграден во 1896 година, годината кога се одржаа првите модерни Олимписки игри.

Свечената парада во Марсеј ќе трае до 17 часот, а на церемонијата се очекува да присуствуваат повеќе од 150.000 луѓе.

Околу „Белем“ има силни безбедносни мерки. Мобилизирани се 6.000 полицајци и четириесетина чамци за да се обезбеди непречено одвивање на парадата.

Прв носител на олимпискиот факел во Франција ќе биде пливачот Флоран Манаду.

Штафетата ќе тргне кон Париз в четврток пренесувана од поранешните фудбалери на Олимпик, Жан-Пјер Папен, Дидие Дрогба и Базиле Боли, а меѓу носителите ќе биде и познатиот готвач Александре Мациа.

Повеќе од 10.000 луѓе ќе бидат вклучени во пренесувањето на олимпискиот факел пред пламенот да стигне во Париз и да биде поставен во близина на Лувр.

Свеченото отворање на Олимписките игри ќе се одржи на реката Сена на 26 јули. ег ФОТО: Фејсбук

Остани поврзан