• петок, 27 декември 2024

Оливер Митковски и Андреја Салпе по втор пат во МНТ ќе го изведат поетско-музичкиот електронски акт „Поетроника“

Оливер Митковски и Андреја Салпе по втор пат во МНТ ќе го изведат поетско-музичкиот електронски акт „Поетроника“

Скопје, 10 октомври 2023 (МИА) - Поетско-музичкиот проект „Поетроника“ на двајцата современи уметници, Оливер Митковски и Андреја Салпе, вечерва, во 21:00 часот, по втор пат ќе биде изведен на малата сцена во Македонскиот народен театар.

Публиката ќе има можност да проследи речиси двочасовен перформанс на Митковски и Салпе, каде на мошне современ и динамичен начин успеваат да ја реинвентираат и осовременат македонската уметничка форма и да фрлат ново светло на македонскиот пишан збор, адаптирајќи го на современото време и потенцијално приближувајќи го до нова и млада генерација.

- Во низата музичко-поетски делници, Салпе и Митковски, успеваат да реактуализираат дел од македонските поетски великани, меѓу кои Ацо Караманов, Гого Ивановски, Славко Јаневски и Игор Исаковски. Понатаму, „Необичниот живот на Наташа Целакоска“ е необична, интересна и речиси непозната песна од Горан Петревски (професор на Економски факултет по Монетарна политика), која токму поради ингениозниот контекст звучи како вистинско мало ремек-дело. Здравиот контекст на „Поетроника“ открива нови аспекти на стиховите од авторите Владимир Лукаш, Оливера Ќорвезироска и Ѓоко Здравески, кои припаѓаат на актуелната генерација, а прекрасно успева да блесне и „Осаменост“ на подзаборавената и трагично починатата поетеса Радмила Трифуновска, соопштија од МНТ.

Овој автентичен и висококвалитетен домашен уметнички продукт ќе биде издаден за нашата реномирана дискографска куќа ПМГ Џез. бт/ир

Фото: МНТ

Остани поврзан