• четврток, 19 декември 2024

Олеснети условите за невладините организации од Кавадарци при аплицирање за поддршка од Општината 

Олеснети условите за невладините организации од Кавадарци при аплицирање за поддршка од Општината 

Кавадарци, 24 јануари 2024 (МИА) - Невладините од Кавадарци нема да мораат да имаат сопствени финансии како учество при аплицирање за поддршка од Општината. Ова било договорено на денешната средба на градоначалникот Митко Јанчев со претставници на невладините организации, појасни попладнево за МИА, Тодор Ефремов, секретар во кавадаречката локална самоуправа.

Градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев денеска се сретна со претставници на невладините организации од кавадаречка општина, целта на средбата беше, тие да се запознаат со реализацијата на активностите по програмата за 2024 година, како и објавувањето на повикот за поддршка на граѓанските организации, што, невладините организации заеднички го утврдија. 

Ефремов рече за МИА дека Општината лани издвоила околу пет, а годинава околу шест милиони денари за невладини организации и здруженија.

- Дел од нив средства добиваат преку јавен повик на кој конкурираат со проекти. Друг дел пак, каде што спаѓаат активности на лица со попреченост или во социјален ризик и стратешки активности како оние поврзани со лозаровинарството, се финансираат со одлука на општинскиот Совет, појасни Ефремов. 

Ефремов додаде дека состанокот беше околу јавниот повик за финансирање, што ќе биде објавен до крај на месец, консултации со нив околу условите под кои ќе можат да конкурираат за финансии. Повикот ќе биде објавен до крај на месец. 

-Невладините побараа и беше прифатено да нема нивно сопствено учество, да не биде задолжително учеството со десет проценти од нивна страна. Второ што побараа и им беше усвоено, при оправдување на трошоци, три понуди да  им бидат неопходни при инвестиција од над 50 илјади денари, наместо предвиденото, при инвестиција над 15 илјади денари, додаде Ефремов. свд/свс

Фото : Фејсбук 

Остани поврзан