• недела, 24 ноември 2024

Оланд во својата книга ги критикува евентуалните претседателски кандидати во Франција

Оланд во својата книга ги критикува евентуалните претседателски кандидати во Франција
Париз, 20 октомври 2021 (МИА) - Поранешниот француски претседател Франсоа Оланд во својата нова книга, што излегува денеска, ги критикува можните кандидати на претседателските избори, што се закажани на пролет 2022 година, со посебен осврт на актуелниот шеф на државата Емануел Макрон и претставникот на екстремната десница Ерик Земур. Оланд, социјалистичкиот претседател на Франција од 2012 до 2017 година, во книгата „Афронтер“ пишува за можните претседателски кандидати и оценува дека актуелниот претседател Макрон е „човек без никаква доктрина и патник без компас“. Поранешниот претседател го обвини Макрон за „распарчување на Французите како никогаш досега“ додавајќи дека тоа е резултат на движењата на граѓанското незадоволство, како што се Жолтите елеци. - Тој (Макрон) требаше да се обиде да ги помири Французите. Наместо тоа, тој ја концентрираше моќта, занемарувајќи го Парламентот и социјалните партнери. Франција е растргната помеѓу малцинството, кое добро се снаоѓа и останатите граѓани на земјата кои се загрижени за својата иднина, наведува Оланд во книгата. Оланд истакнува дека Макрон го менува својот став кон околностите и дека „скока од едно верување во друго како жаба што скока од еден лист од крин на друг“. Поранешниот француски претседател наведува дека Земур, есеист и писател кој се приклонува кон екстремната десница, чувствува „растечка горчина“ затоа што би сакал да биде како поранешниот американски претседател Доналд Трамп, а не може да го постигне тоа.. Ниту Макрон ниту Земур официјално не ги објавија своите кандидатури за претседателските избори. Во анкетата спроведена на почетокот на октомври, Земур би можел да освои од 17 до 18 проценти од гласовите, а Макрон од 24 до 27 проценти од гласовите. Според таа анкета, Земур е дури и пред лидерката на екстремната десница, Марин, Ле Пен  која загуби од Макрон во вториот круг на претседателски избори одржани во 2017 година.

Остани поврзан