• четврток, 26 декември 2024

Октомвриско пленарно заседание на Европарламентот во Стразбур

Октомвриско пленарно заседание на Европарламентот во Стразбур

Брисел, 2 октомври 2023 (МИА) – Од денеска до петок во Стразбур ќе се одржи октомвриското пленарно заседание на Европскиот парламент, на чиj дневен ред, меѓу другото, се разгледувањето на законот за слобода на медиумите и директивата за заштита од економски уцени, како и дебати за азилот и миграцијата, случувањата во Нагорно-Карабах и трговските односи на ЕУ со Кина. 

Расправата за директивата за заштита на ЕУ од економски уцени, која треба да претставува нова трговска алатка што ќе и овозможи на Унијата да одговори со контрамерки, доколку таа во целина или некоја од нејзините земја членка се најде на удар на економска уцена од држава што не е членка на блокот, е предвидена за денеска, а гласањето по неа ќе се одржи во текот на утрешниот ден. 

За утре е предвидено европратениците да расправаат и да гласаат за Законот за слобода на медиумите, кој има за цел да ги заштити медиумите од мешање и да ги направи потранспарентни и понезависни, како и за ревизија на долгорочниот буџет на ЕУ, поврзана со средства наменети за помош на Украина. Во тој контекст, в четврток комитетите за буџет и за надворешни работи ќе треба да се изјаснат за создавање на наменскиот механизам за поддршка, обнова и модернизацијата на Украина за периодот 2024-2027 година во износ од 50 милијарди евра. 

Во текот на утрешното попладневно заседание членови на Европската комисија ќе одговараат на прашања поврзани со трговските односи меѓу ЕУ и Кина, по најавата на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен за покренување нова истрага за кинеските државни субвенции за производителите на електрични возила во земјата. 

Истиот ден на дневен ред е и дебатата за ситуација во Нагорно-Карабах, по неодамнешното воена операција со која Азербејџан презеде контрола врз овој планински сепаратистички регион населен речиси целосно со Ерменци. Предвидено е в четврток европратениците да гласаат за усвојување на резолуција за Нагорно-Карабах, во чија содржина ќе бидат вклучени и делови произлезени од дебатата. 

В среда ќе се одржи клучната дебата на ова заседание поврзана со прашањата за азил и миграција во контекст на континуираното пристигнување на бегалци и мигранти во ЕУ по морски пат и потребата од брзо усвојување на сеопфатен европски пакт за азил и миграција. Истиот ден европратениците ќе гласаат и за заклучоците од дебатата. 

Исто в среда, европратениците ќе дебатираат со претставници на Советот на ЕУ и на Еврокомисијата за предлогот за продолжување на дозволата за употреба на глифосат во Унијата за уште десет години. Станува за органско фосфорно соединение, кое се користи за уништување на плевелот во земјоделството. 

За в среда е предвидено пред европратениците да се обрати чешкиот претседател Петр Павел, кој пред обраќањето ќе има билатерална средба со претседателката на Европарламентот, Роберта Мецола. 

Комисијата за животна средина, јавно здравје и безбедност на храната на ЕП, денеска и утре ќе ги сослушува Вопке Хукстра, кој е предложен за нов еврокомесар од Холандија, кој ќе биде задолжен за климатски активности, како и еврокомесарот за меѓуинституционални односи, Словакот Марош Шефчович, кој е номиниран за извршен потпретседател ЕК за Европскиот зелен договор. Функциите извршен потпретседател ЕК за Европскиот зелен договор и еврокомесар за климатски активности останаа празни по оставката на Франс Тимерманс, кој во август официјално се повлече од Европската комисија за да го предводи блокот на неговата Лабуристичка партија (ПВДА) и Зелената левица (ГЛ) на предвремените парламентарни избори во Холандија закажани за во ноември и да биде кандидат за премиер на оваа коалиција. Пленарното гласање за именувањето на Хукстра и Шефчович е планирано за в четврток. 

Исто така в четврток, треба да заседаваат и комитетите за граѓански слободи, правда и внатрешни работи и за правата на жените и родова еднаквост, кои треба да усвојат став по Предлог-законот за борба против трговијата со луѓе, со кој се предвидуваат поголеми санкциите за трговците со луѓе и зајакната заштитата на жртвите. 

На маргините на заседанието, предвидено е Мецола денеска да има средба со претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, а утре со италијанскиот министер за европски прашања Рафаеле Фито. 

Од друга страна Фон дер Лајен покрај со Мецола, денеска во Стразбур ќе има средби и со претседателите на пратеничките групи на Европската народна партија (ЕПП), Манфред Вебер, на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД), Ираче Гарсија-Перез и на Обнова на Европа, Стефан Сежурне. Утре, пак, Фон дер Лајен ќе се сретне со копретседателите на пратеничките групи Зелени/Слободна европска алијанса (ЕФА), Тери Рајнке и Филип Ламбер и  Левица, Манон Обри и Мартин Ширдеван. сп/ссм

Фото: МИА Архива

 

Остани поврзан