• среда, 25 декември 2024

Оксфам: Јазот меѓу многу богатите и сиромашните рапидно се зголемува

Оксфам: Јазот меѓу многу богатите и сиромашните рапидно се зголемува

Најроби, 15 јануари 2024 (МИА) - Јазот меѓу мал број најбогати луѓе во светот и огромното мнозинство од сиромашните брзо се продлабочи од почетокот на пандемијата на Ковид-19, а светот влегува во деценија на зголемени разлики во распределбата на богатството, соопшти денеска организацијата Оксфам, во својата годишна анализа за глобалната нееднаквост.

Во извештајот објавен пред почетокот на Светскиот економски форум во Давос, Оксфам, чија цел е да се искорени сиромаштијата, процени дека во следната деценија светот би можел да го добие својот прв билионер, односно супербогата личност чие богатство надминува 1.000 милијарди долари.

„Милијардерите стануваат се побогати, работничката класа се бори, а сиромашните живеат во очај. Ова е несреќната сегашност на светската економија“, напиша американскиот сенатор Берни Сандерс во предговорот на извештајот.

Сандерс оцени дека никогаш немало таква нееднаквост во приходите и богатството и дека во денешно време „алчноста, ароганцијата и неодговорноста се без преседан“.

„Ги имаме првите пет  водечки милијардери, кои го удвоија своето богатство. Од друга страна, речиси пет милијарди луѓе станаа посиромашни“, изјави на отворањето во Давос Амитаб Бехар, извршен директор на организацијата Оксфам, основана во 1942 година во Оксфорд, и која во 1995 година прерасна во сојуз на хуманитарни организации од целиот свет.

Оксфам прецизираше дека тие пет луѓе - Илон Маск, Бернард Арно, Џеф Безос, Лери Елисон и Ворен Бафет - го удвоиле своето богатство од 2020 година.

Бехар предвиде дека светот ќе го добие својот прв билионер најдоцна во следните десет години и дека според проценките на Оксфам, ќе бидат потребни повеќе од 200 години за борба против сиромаштијата.

- Лицето што ќе ја помине таа граница, а можно е тоа да биде некој кој моментално не е на листата на најбогати луѓе, ќе ја има истата „тежина“ во финансиска смисла како Саудиска Арабија богата со нафта, рече Бехар. ссм/

фото: pexels

Остани поврзан