• четврток, 26 декември 2024

Окружното обвинителство во Софија бара да му биде одземен имунитетот на Кирил Петков

Окружното обвинителство во Софија бара да му биде одземен имунитетот на Кирил Петков

Софија, 6 јуни 2023 (МИА) - Софиското окружно обвинителство му предложило на главниот обвинител да бара од Парламентот одземање на имунитетот на Кирил Петков од „Продолжуваме со промените“, се наведува во соопштението на Обвинителството во кое се посочува дека барањето е за поранешниот премиер и актуелен пратеник со иницијали К.П.

Предлогот е подготвен во врска со предистражната постапка за изјаснување за државјанство.

Како што објави БТА, од собраните докази во текот на истрагата може да се заклучи дека во декларацијата што Петков ја доставил до претседателот „се крие вистината - постоење двојно државјанство и потврдена лага дека лицето ги исполнува условите за избор на народен претставник“.

На 16 декември 2021 година, окружната обвинителка на Софија, Невена Зартова, изјави дека Окружното обвинителство во Софија одбива да поведе предистражна постапка за случајот со двојно државјанство на Кирил Петков.

Тој рече дека ќе се откаже од имунитетот откако пред комисија во Собранието ќе бидат презентирани сите факти и докази.

„За мојот имунитет: Ќе чекам да се формира и да работи комисија во Народното собрание, пред која ќе бидат презентирани сите факти и докази, за да можат сите Бугари да видат јасно и сликовито како бугарското Обвинителство се користи за политички притисок. Ден пред комисијата да донесе одлука, доброволно ќе се откажам од имунитетот, бидејќи знам дека нема од што да се плашам“, напиша Петков на Фејсбук. 

Петков, кој е копретседател на „Продолжуваме со промените - Демократска Бугарија“, додаде дека е горд што се откажал од своето второ државјанство - канадското, само за да може да биде дел од „промената што доаѓа“. паг/

Фото: МИА архива

Остани поврзан