Окружниот суд во Хаг го одби барањето на 10 пропалестински организации за забрана за извоз на оружје за Израел
- „Судот смета дека нема причина државата да воведе целосна забрана за извозот на стока за воена и двојна употреба“, се наведува во соопштението.
Хаг, 13 декември 2024 (МИА) – Окружниот суд во Хаг денеска го одби барањето на 10 пропалестински невладини организации Холандија да го запре извозот на оружје во Израел и да тргува со израелските населби на окупираните палестински територии.
Судот соопшти дека државата има одредена слобода во изборот на политиката и дека судовите не треба да се мешаат во сите ситуации, пренесуваат британските медиуми.
„Судот смета дека нема причина државата да воведе целосна забрана за извозот на стока за воена и двојна употреба“, се наведува во соопштението.
Обвинителите, повикувајќи се на голем број цивилни жртви во израелската војна во Појасот Газа, тврдеа дека холандската држава, како потписничка на Конвенцијата за геноцид од 1948 година, е должна да ги преземе сите мерки за да го спречи геноцидот.
Невладините организации се повикаа на наредбата на Меѓународниот суд на правдата од јануари во која од Израел се бара да ги спречи актите на геноцид во Газа.
Судиите во Окружниот суд во Хаг застанаа на страната на холандската Влада, која вели дека постојано го проценува ризикот оружјето и стоката со двојна употреба да се користат на начин што може да го прекрши меѓународното право, и повремено одбива извоз во Израел.
Во пресудата за посебен случај во февруари, холандскиот суд и нареди на владата целосно да го блокира извозот на делови од борбени авиони Ф-35 во Израел поради загриженоста дека тие биле користени за кршење на меѓународното право за време на војната во Газа. Владата поднесе жалба на оваа одлука. сд/
фото:МИА архива