• среда, 18 декември 2024

Околу 40 студенти од швајцарскиот Универзитет во Луцерн заедно со експерти бесплатно ќе менторираат компании од источниот регион

Околу 40 студенти од швајцарскиот Универзитет во Луцерн заедно со експерти бесплатно ќе менторираат компании од источниот регион

Штип, 2 мај 2023 (МИА) - Околу 40 студенти од швајцарскиот Универзитет во Луцерн заедно со експерти ќе им помогнат на стартап компании, мали и средни претпријатија од источниот регион, да го развијат својот бизнис. Деканот на Факултетот за информатика при Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип, Сашко Коцевски изјави дека станува збор за девет компании што ќе добијат бесплатна менторска поддршка од експерти од Швајцарија, организирани во неколку групи.

- Ќе им помогнат практично да изградат солидни бизнис-планови, да ги подобрат своите технолошки процеси, да овозможат подобрување на нивните капацитети за претставување на странски пазари и да ги подобрат своите производи. Мислам дека тоа е голем бенефит, не само за самите компании, туку и за стартап заедницата од целиот регион, појасни Коцевски.

Првичното планирање започнало во ноември минатата година, а во јануари се поставени целите за соработката. Студентите и компаниите интензивно работат од средината на март.

- Драго ми е што имаме можност и лично да се видиме и запознаеме со компаниите, имајќи предвид дека студентите се веќе прилично навлезени во нивната работа и до крајот на неделата, очекуваме веќе да ги презентираме резултатите и да ги испланираме идните чекори, истакна Рене Зеир, професор на Универзитетот за применети науки и уметности во Луцерн.

За компаниите ова е одлична можност на патот кон нивниот развој. Проектот го гледаат како извор на нови знаења, со цел подобрување на постоечката работа. Проектот се реализира со поддршка од швајцарската Амбасада, а е во насока на унапредување и развој на бизнис сферата од градот. Ваквите придобивки ги потврдуваат швајцарската амбасадорка Вероник Улман, ректорот на УГД, Дејан Мираковски, како и градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.

- Ова е еден несекојдневен настан на којшто УГД има воспоставено соработка со Универзитетот во Швајцарија и го опишува, односно е потврда за начинот на којшто Швајцарија сака да соработува, а тоа е поврзување на институциите, вели амбасадорката Улман.

Градоначалникот на Штип смета дека ваквите проекти можат да ги мотивираат младите да останат во земјава.

- Да ги мотивираме и стимулираме младите луѓе да се стекнат со соодветно знаење, да останат овде, да отворат свој бизнис, своја компанија, да ја искористат својата сопственост и потенцијал за генерирање производ или услуга коишто подобро ќе ги пласираат на глобалниот пазар, истакна Јорданов.

Настанот денеска се одржа на Правниот факултет на УГД, по слична соработка што швајцарскиот Универзитет ја имал со Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. вдј/бд/

Фото: МИА

Остани поврзан