• сабота, 23 ноември 2024

Околу 350 деца Роми ќе бидат згрижени бесплатно во јавните градинки во 21 општина

Околу 350 деца Роми ќе бидат згрижени бесплатно во јавните градинки во 21 општина

Скопје, 12 ноември 2024 (МИА) - Околу 350 деца Роми, на возраст од три до шест години, ќе престојуваат бесплатно во јавните градинки во 21 општина во државава.  Во рамки на проектот „Инклузија на децата Роми во јавните општински установи - детски градинки“, денеска беа потпишани договори за соработка меѓу Министерството за социјална политика, демографија и млади, општините и градинките на нивна територија каде што ќе бидат згрижени децата од таа етничка заедница. 

Министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани рече дека инклузијата на деца Роми во градинките ќе биде овозможена со блок-дотации кои на општините ќе им ги обезбеди Министерството.

-Преку оваа соработка, сите заедно придонесуваме за вклучување на што поголем број на деца Роми во предучилишниот воспитно-образовен процес. Треба да продолжиме да вложуваме во образованието на децата Роми од што придобивка има целото наше општество, изјави Лимани. 

Проектот го поздравија неколку градоначалници што присуствуваа на настанот. Градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, изјави дека проектот на инклузија на деца Роми во нивната општина се спроведува во градинката „25 Мај“. Како што рече, опфатени се 20 деца кои се ослободени од партиципација за згрижување во градинките. 

-Сакам да потенцирам дека секое дете е важно и наша обврска е да овозможиме услови и можност за тоа да се едуцира и надградува. Со овој проект ја зголемуваме инклузијата на деца Роми во детските градинки за да можат потоа полесно да го продолжат својот образовен процес, рече Стефковски. 

Во однос на местата за прием на деца со кои располагаат градинките во Гази Баба, посочи дека недостигот на капацитети е генерален проблем во државата. Но, очекува дека „ќе се затвори целата потреба на деца коишто во овој период се на листа на чекање“ со реализација на проектите што ги има Општината за четири нови градинки – во Трубарево, Инџиково, Синѓелиќ и во населено место помеѓу Маџари и Ќерамидница. 

Градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш, изјави дека во нивната општина 30 деца се на листа што ќе ја користат оваа услуга, при што нагласи дека како најголема ромска општина во земјава го поддржуваат овој проект бидејќи, рече, неопходно е да се поддржат децата од социјално ранливи категории.

Очекува догодина да биде отворен втор дел од новата градинка изградена во 2020, кој ќе има капацитет за уште 160 деца, со што установата ќе може да опслужува вкупно 310 деца.

-Во моментов имаме 150 деца кои се во градинка и уште 150 се на листа на чекање, со тоа што откога ќе го отвориме вториот дел од градинката, мислам дека ќе имаме комплетно решение за сите деца во нашата општина, додаде Дудуш. 

На новинарско прашање зошто новоизградената градинка во Арачиново се уште не е во функција, министерот Лимани одговори дека се чекаат одобренија за вработувања за кои Општината испратила барање до Министерството за социјална политика, демографија и млади. 

-Ние доставивме до Министерството за финансии, чекаме одговор од нив, истото го враќаме кај општините и тоа е целиот процес пред отворање на нова градинка. Значи, не може ни без нови вработувања, ни без деца да се отвори ни градинка, ни школо, ни друга институција, рече Лимани. 

Мабера Камбери од Министерството за социјална политика, демографија и млади информираше дека инклузијата на Роми во предучилишното образование е почната уште со проект  во 2006 година во партнерство со Ромскиот едукативен фонд.

-Од 2006 до сега сме вклучиле околу 5500 деца на возраст две години пред почеток во основното образование.  Овој проект придонесе да имаме поголем број на деца Роми во основното училиште, во средното и на факултет, со што Република Северна Македонија предничи од сите држави во соседството. Имаме околу 250 студенти Роми на универзитетите, а останатите држави не можат да го постигнат ни бројот 50. Овој проект навистина придонесе да имаме толкав број, истакна Камбери.

Децата Роми во градинките имаат документи, посочи таа, а во однос на неевидентираните во Матична книга на родени, рече дека неевидентираните лица се ставени во посебна електронска евиденција за полесно да им се обезбедат документи.

-Преминавме минатата година со измени во Законот за матична евиденција и од 450 лица, само за уште 120 лица треба да се направи проверка да не се државјани на други држави за да им се обезбедат документи.  Што е најбитно, согласно тие измени, во член 4, сите новородени дечиња, без разлика дали мајките поседуваат македонско државјанство, од Управата за водење матични книги се должни да ги запишат во редовната Матична книга на родени, додаде Камбери. хс/аа/

Фото: МИА 

Остани поврзан