• четврток, 19 декември 2024

Околу 25 проценти од вкупниот број раѓања во земјава се предвреме родени бебиња

Околу 25 проценти од вкупниот број раѓања во земјава се предвреме родени бебиња
Скопје, 17 ноември 2021 (МИА) - Најмалото родено бебе во Северна Македонија е во 23-та гестациска недела, предвреме родените бебиња претставуваат 25 проценти од вкупниот број на раѓање во нашата земја, а смртноста од 2016 година, кога беше 25 проценти, сега е 8,9 отсто. На денешната прес-конференција по повод Меѓународниот ден на предвреме родените бебиња - 17 ноември, министерот за здравство Венко Филипче, сподели дека со самото тоа што има ден, важен за одбележување на предвреме родените бебиња, укажува на тоа колку е важно и што значи да се подобри целокупниот систем во која било земја во светот за да се подобри степенот на преживување на предвреме родените бебиња. Како што информираше Филипче, станува збор за категорија на бебиња кои што се некаде околу 25 проценти од вкупниот број на раѓање во нашата земја и тие традиционално се раѓаат на Клиниката за гинекологија и болницата во Чаир, а Интензивната нега на Клиниката за гинекологија и Клиниката за педијатрија се двете институции каде после раѓањето се третираат овие бебиња. - Ова е еден сегмент во кој што изминатите четири години постигнавме навистина значајни резултати, имено процентот на преживување на предвремено родени бебиња значајно се зголеми, односно смртноста од 2016 година, кога беше 25 проценти, сега е 8,9. Ова е во рамките на севкупното внимание и инвестиција која ја правиме во подобрување на делот на третман на родилките и бебињата, како на оние кои што се раѓаат, така и на предвремено родените, кажа Филипче. Дополни дека ние сме една единствена земја во светот која што има значајно намалување на вкупната смртност на родените бебиња, односно, како што кажа, гледајќи и споредувајќи со 2015/2016 година бројката е практично преполовена и тука станува збор и за неонаталната и за доенечката смртност. Филипче истакна дека верува дека со истиот ентузијазам, енергија и посветеност ќе продолжат со работа за акцентот да биде ставен онаму каде што е најважно, а тоа, како што кажа, е здравјето на најмладите, односно бебињата. Викторија Јовановска, директорка на Гинеколошко-акушерска клиника, на настанот истакна дека доколку не функционирале како целина немаше да постои овој успех. - Клиниката за гинекологија, Детска клиника, Специјалната болница во Чаир и сите вработени, секогаш кога имавме потреба ни излегуваа во пресрет и ги прифаќаа најтешките бебиња и оние за кои ние во даден период се соочувавме со немање доволно место, и за родилки, и за предвремено родени бебиња во услови на оваа пандемија, кажа Јовановска. Одговарајќи на новинарски прашања, Јовановска инфомираше дека најмало предвремено родено бебе во државава е бебе родено во 23 гестациска недела, има и помали бебиња во однос на тежина, со што, како што кажа, имаме бебе од 24 гестациска недела кое има родилна тежина од 480 грама. Таа дополни дека овој ден се одбележува и со цел да се обрне внимание на превентивата на бремените жени, бидејќи, како што кажа, тоа е најважно за да го намалиме процентот на предвремено родени деца. Директорката на Клиниката за детски болести, Аспазија Софијанова, изрази благодарност посочувајќи дека Клиниката за педијатрија веќе долго време се соочува со проблемот на прематоритетот и посочи дека само заеднички, тимски, може да се најде начин како да се подобри квалитетот на предвремено родените деца и да се направат здрави идни деца. - Вчера првпат здравствените политика ја ставија педијатријата во Законот за здравствена заштита како матични педијатри кои понатаму ќе се грижат за овие деца кои се предвреме родени, улогата на педијатарот после долго време е ставена на прво место, сподели Софијанова. Одговарајќи на новинарско прашање дали предвреме родените бебиња во подоцнежна возраст се соочуваат со предизвици и компликации по нивниот раст и развој, Софијанова кажа дека до сега само 25 проценти имаат потешкотии. - За среќа епидемиолошката статистика која ја водиме на клиниката, а понатаму тие доаѓаат тука и на конзилијарен преглед, истиот се врши од страна на невролог, нефролог, во секоја област посебно, можам да кажам дека до сега само 25 проценти имаат потешкотии и тој „catch up“ период до третата година го прават успешно благодарение на тимот кој што работи со нив и им укажува на раните моменти кои значат дека ќе треба нешто дополнително да се стимулира или поработи со нив, сподели Софијанова. Дополни дека останатите 75 проценти, со новите техники за механичка вентилација кои се повеќе од неинвазивен карактер со кој нивните органи многу полесно дозреваат и не се оштетуваат што значи дека успехот и во тој дел е поголем. Рената Димитријоска, супспецијалист неонатолог од Одделение за интензивна нега и терапија при Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство - Скопје, истакна дека овие резултати се постигнале во најголем дел поради големата посветеноста на работата. - Секако, придонес во тоа има континуираната стручна едукација и опремувањето со високо софистицирана опрема, но, за да се одржи тој тренд на пад на смртност на прематурусите и да имаат што поквалитетен живот потребно е и понатаму да продолжи инвестицијата и во кадар и во опрема, рече Димитријоска. ар/дма/        

Остани поврзан