• среда, 13 ноември 2024

Околу 20 илјади јагниња од Дебарско на странските пазари

Околу 20 илјади јагниња од Дебарско на странските пазари
Дебар, 7 април 2022 (МИА) - Оваа сезона сточарите од дебарското подрачје се очекува да продадат околу 20 илјади јагниња, истакна претседателот на здружението „Даши“ на сточари од Дебар и Центар Жупа, Скендер Аме. - До денес се продадени над половина од вкупно планираната бројка. Јагнињата ги откупува главно фирмата „Стокопромет“ од Скопје, по цена од 160 до 175 денари за килограм жива мера. Поради потврдениот квалитет на месото на дебарското јагне тоа и овој пат завршува на странските пазари, главно на италијанскиот, рече Аме. Тој го пренесува незадоволството на сточарите од откупната цена, но, како што вели, немаат друго решение. - Трошоците се високи и сега кога имаме многу високи цени во сите области, фирмите за откуп и продажба на јагниња не се коректни со цените што ги нудат. Сметаме дека откупната цена требаше да биде во просек 250 денари за килограм жива мера, но тоа е што е. Сакам да нагласам дека се намалува интересот за сточарството што го потврдува фактот дека годинава сточарите оставија многу мал број на јагниња за приплод. Врз тоа влијае и масовната миграција, која во белиот свет однесе една многу побројна дебарска заедница, но и незаинтересираноста на младите да се вклучат во овој сектор, посочува Аме. Во поширокиот дебарски регион, кој располага со идеални услови за развој на сточарството, моментно, според Аме, со оваа дејност се занимаваат 140 сточари кои располагаат со околу 40 илјади грла ситен добиток. вт/фф/

Остани поврзан