• среда, 25 декември 2024

Означен почетокот на туристичката сезона во Пустец

Означен почетокот на туристичката сезона во Пустец

Пустец, 8 мај 2024 (МИА) – Во организација на Општина Пустец, традиционално, со низа активности означен е почетокот на туристичката сезона, при што се презентирани природни убавини, културни богатства, македонските традиционални јадења, традиции и обичаи.

-Повеќе ресторани и производители на храна и мед на плоштадот „Гоце Делчев“ во центарот на Пустец, пред црквата „Свети Архангел Михаил“ имаа штандови со свои производи и услуги. За присутните од повеќе градови од Албанија и од Македонија, беше приредена и богата културно-уметничка програма од локалните културно-уметнички друштва и групи, објави општина Пустец.

Туристичката сезона за отворена ја прогласи и присутните ги поздрави градоначалникот на општина Пустец, Пали Колефски, кој вети дека локалната власт ќе вложи максимални напори за подобрување на условите, се со цел привлекување што поголем број туристи, чиј број од година во година станува се поголем.

На отворањето присуствуваше и префектот на Корча, Нертил Јоле, кој му честиташе на градоначалникот Пали Колефски за организацијата и добрата промотивна работа што ја прави.

-Создавањето уште поповолни услови за Пустец и околните села да се развиваат со одржлива еколошка визија е новиот предизвик на тимот на општината, со поддршка од други институции. Со инвестицијата на Владата за важниот проект за водоснабдување реализиран за оваа општина во вредност од 455 милиони леки е надминат еден од најприоритетните проблеми, изјави за медиумите префектот Јоле.

Веста ја пренесуваат и албанските медиуми кои оценуваат дека „иако е најмала во државата, општина Пустец, има голем потенцијал за привлекување повеќе локални и странски туристи, помагајќи и на економијата на заедницата“.

Општина Пустец има девет населени места сите распослани на брегот на Преспанско Езеро. вт/вј/

Фото: општина Пустец

Остани поврзан