• недела, 24 ноември 2024

„Ожени ме“ - театарска претстава на Театар „Провокација“ во КИЦ

„Ожени ме“ - театарска претстава на Театар „Провокација“ во КИЦ
Скопје, 17 октомври 2022 (МИА) - Во „Салон 19:19“ на Културно информативен центар – Скопје вечер ќе биде изведена театарска претстава „Ожени ме“ во режија на Роберт Ристов. Драматизацијата е работена по мотиви на урбаните сценарија: „Ожени ме“, „Заедништво“, „Храна и љубов“ и „Брачна приказна“. „Ожени ме“ е насловот на една од двете претстави („Ожени ме“ и „Разведи ме“) кои всушност се две поглавја од „ФЛИП ИЗДАНИЕТО“ на претставите со заеднички наслов „Две нијанси црвена“. Ова е еден уникатен начин да се опфатат две теми/ претстави кои претставуваат лице и опачина, едната на другата. Во претставата улогите ги толкуваат актерите Изабела Јакимова и Бранко Атанасов - Ако мракот значи недостиг на светлината, а црвената ни го означува присуството на љубовта, дали во миговите на бес, при намаленото присуство на светлина, умееме да го согледаме присуството на нијансите на црвена? Дали љубовта кон себеси го намалува интензитетот на сакањето на партнерот? Каде е границата? Како можеме да го процениме квалитетот на врската во која се наоѓаме? Дали љубовта треба и да боли или само да нè разнежнува и мотивира да растеме и да се менуваме? Дали таа е „прекинувачот“ за нашата среќа? Дали љубовта мора да се круниса со БРАК, или бракот е само старомодна архаична институција со која општеството го стигматизира човекот за да може полесно да го манипулира? Овие скокотливи теми ќе бидат експлицитно отворени и дефинитивно ќе ве стават во ситуација да ги преиспитате воспоставените општествено-морални вредности. Ќе ве натераат да ги согледате нијансите во сопствената врска, мотивирајќи ве да ја засилите нијансата на црвена (љубовта), соопштиваат од КИЦ - СКопје. Актерите од оваа претстава ја понесоа наградата Најдобар актерски пар на Фестивалот на дуодрама „Бранко Ѓорчев“ - Неготино 2022. фф/ац/

Остани поврзан