• петок, 26 јули 2024

Од 23 јули до почетокот на август „Скопје вибрира“ со изложба, музика, филм

Од 23 јули до почетокот на август „Скопје вибрира“ со изложба, музика, филм

Скопје, 19 јули 2024 (МИА) - „Скопје вибрира“ - поп ап изложба на дизајн и визуелни уметности, ќе се одржи во главниот град на државава од 23 јули до почетокот на август.

Како што денеска информираат „Лабораториум“ и „Лаб дизајн маркет“, во изложбата ќе учествуваат млади и досега релативно непознати имиња во сферата на дизајнот, рачните изработки и визуелните ументости, за кои градот Скопје има битно значење и е тема и инспирација во нивната работа.

Настанот ќе им даде можност за презентација на новите таленти и ќе даде увид во тоа што значи градот Скопје за една генерација креативци која го почнуваат нивниот професионален пат во полето на креативните индустрии, современата уметност и перформативните уметности.

- „Скопје вибрира“ е повеќедневен настан во организација на културниот центар „Лабораториум“ лоциран во индустриската хала на поранешната печатница на НИП „Нова Македонија“ и покрај поп ап изложбата ќе понуди музичка, филмска, забавна програма и пријатна освежувачка атмосфера со мени од коктели и други пијалоци инспирирани од култни локации во Скопје, се наведува во денешното соопштение.

Во топлите летни денови кога градот обично замира и се празни, се додава во соопштението, „организаторите решија да понудат содржина што ќе го збогати културниот и социјалниот живот и ќе покаже дека Скопје живее и во лето, вибрира и неизбежно нѐ потсетува на земјотресот од 1963 година и на тоа дека новите почетоци се секогаш можни“. бд/бак/

Фото: „Лабораториум“

Остани поврзан