• недела, 24 ноември 2024

Од 2021 година досега 23 пријави од лица каснати од куче во Кавадарци 

Од 2021 година досега 23 пријави од лица каснати од куче во Кавадарци 

Кавадарци, 9 мај 2023 (МИА) - Вкупно 23 пријави од лица каснати од куче има во Кавадарци за 2021-ва, 2022-ва и досега во 2023 година, додека во регионот што го покрива Секторот за внатрешни работи Велес, се доставени 302 пријави, велат за МИА од СВР Велес.

Според портпаролот Ристе Самарџиев, во 2021 година имало 12 пријави за каснувања, во 2022-ра шест, а во 2023 година заклучно со денеска, пет.

-Што се однесува до вкупниот број на пријави на подрачјето кое го покрива Секторот за внатрешни работи Велес, за тековната година 2023, вкупниот број пријави до денес е 45, за изминатата 2022 година е 137, додека во 2021 година имало вкупно 120 пријави од лица каснати од куче, појасни Самарџиев во писмениот одговор. 

Како што информираа од Кабинетот на градоначалникот Митко Јанчев, вчера во Кавадарци почна изградбата на Регионален центар за згрижување бездомни миленици.

- Локацијата на објектот е во населба Глишиќ, на површина од 5.470 квадратни метри.  Целосната финансиска конструкција на овој проект изнесува 14 892 319 денари. Дел од средствата во висина од 5 119 385 денари се обезбедени од Швајцарска амбасада, а дел од средствата во висина од 9 772 933 денари се обезбедени од Министерство за локална самоуправа. Согласно динамиката за изведување на градежните работи, целиот проект треба да биде готов во наредните шест месеци. Изведувач на работите е фирмата ,,АС машини", соопштија од кабинетот на Јанчев. 

Пред неколку дена, присуствувајќи во Кавадарци, министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов рече дека со изградба на стационар, Владата го решава проблемот со бездомните кучиња во девет општини во Вардарскиот регион, акутен проблем за 150 илјади граѓани. 

- Ја поздравувам иницијативноста на Општина Кавадарци и регионалниот пристап во решавањето на прашањето, кое што би требало да го следат и другите плански региони. Општините се тие кои што најдобро можат да направат проценка, да ги обезбедат сите услови и документи за градење и да понудат конкретни проекти, рече Пенов. 

Тој потсети дека постои буџетска програма за рамномерен регионален развој, од која што вакви проекти можат да бидат финансирани и во другите плански региони, а може да се обезбеди и донаторско учество како во конкретниот случај, преку Швајцарската Агенција за развој и соработка.

- Со изградбата на стационарот ќе се обезбедат соодветни услови за континуирана грижа на бездомните кучиња преку изградба на централно прифатилиште, а ќе се зголеми и безбедноста на граѓаните, рече Пенов.

Преку посебна веб платформа е предвидено да се олесни и начинот на пријавување на проблем од страна на граѓаните, а ќе се изработи и систем за следење и регистрација на бездомни кучиња. свд/мч/


Фото : МИА 

Остани поврзан