• четврток, 26 декември 2024

Од 20 до 23 април петто издание на „Златна рамка“, во организација на ДФРМ

Од  20 до 23 април петто издание на „Златна рамка“,  во организација на ДФРМ

Скопје, 28 март 2023 (МИА) - Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ) го подготвува јубилејното петто издание на манифестацијата „Златна рамка“, што ќе се одржи од 20 до 23 април.

ДФРМ соопшти дека е иницијатор, основач и организатор на филмската ревија „Златна рамка“, која претставува увид и приказ на реализираните македонски филмови во една календарска година, финансирани од буџетот на државата и поддржани од Агенцијата за филм. 

-„Златна рамка“ е единствена можност на едно место да се погледнат сите остварувања на домашната кинематографија од една календарска година. Манифестацијата произлегува од потребата да се негува долгогодишната традиција на нашата кинематографија, која во континуитет произведува и врвни дела, кои се дел од ревијалните или натпреварувачките селекции на најголемите светски филмски фестивали, но овие филмови често остануваат тешко достапни за домашната публика, понекогаш дури и за критиката, стои во соопштението.

Според ДФРМ, „Златна рамка“ веќе четири години успешно ја промовира нашата актуелна кинематографија и претставува единствен настан посветен на македонскиот филм, во услови кога дури и постоечките домашни фестивали немаат макар придружна специјализирана програма во која ќе бидат опфатени новите наслови, а значен дел од нив не успеваат да бидат поставени на редовниот репертоар на кината кои работат комерцијално.

- Токму годинава се одбележува еден мини јубилеј од пет години и со големо задоволство може да констатираме дека „Златна рамка“ ги исполни очекувањата кои беа забележани во иницијативата за нејзиното отпочнување. Транспарентното прикажување на годишната продукција го подобрува квалитетот на проектите од година во година. Нашата кинематографија предизвикува интерес кај домашната публика, медиумите покажуваат интерес за македонскиот филм, а филмските професионалци имаат можност да ги стават во фокус прашањата кои ги засегаат и да ги афирмираат своите остварувања со подеднаков третман на сите што се вклучени во филмските екипи. Ваков ревијален приказ претставува и своевиден отчет, што и го должиме на публиката и критиката, која на едно место може да добие целосна слика за сработеното во македонскиот филм во една тековна година, велат од ДФРМ.

Во рамки на „Златна рамка“, на 20 април ќе се одржи и Годишното Собрание на друштвото, на кое оваа година ќе се изврши избор на директор на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ за период од две години. ДФРМ е иницијатор, основач и организатор на фестивалот „Браќа Манаки“, кој почнувајќи од 1979 година е првиот и најстар светски филмски фестивал посветен на креативноста на светските кинематографери. Оваа година, во септември е планирано да се одржи 44. издание на „Браќа Манаки“.

Друштвото на филмските работници на Македонија е задолжено и за избор на македонски кандидат за наградата „Оскар за најдобар долгометражен интернационален филм“. ДФРМ е единствената македонска овластена институција, препознаена од Американската Академија за подвижни слики, за комуникација, селекција и кандидатура на македонски претставник за наградата. Годинава, изборот на македонски кандидат за Оскар ќе се одржи во октомври, при што ќе се формира комисија од филмаџии за коишто ќе бидат организирани затворени проекции за филмовите-кандидати, по што членовите на комисијата ќе ги прегледаат филмовите и потоа ќе се состанат за одлучување. Минатата година, за македонски кандидат за наградата „Оскар за најдобар долгометражен интернационален филм“ беше избран „Најсреќниот човек на светот“ во режија на Теона С. Митевска. мд/ац/

Фото: ДФРМ 

Остани поврзан