• недела, 24 ноември 2024

Од утре на Градскиот плоштад во Скопје ново издание на Фестивалот „Вино Скоп“

Од утре на Градскиот плоштад во Скопје ново издание на Фестивалот „Вино Скоп“
Скопје, 3 мај 2022 (МИА) - Фестивалот „Вино Скоп“, што традиционално се одржува од 2006 година, по паузата поради ковид пандемијата, утре ќе започне одново на Градскиот плоштад во Скопје. На Фестивалот ќе учествуваат повеќе од 25 винарии од земјава, претставници од странство и бројни уметници и музички бендови, а првпат на него ќе има и Базар на ракотворби. - Од 4 до 8 мај се враќа „Вино Скоп“, еден настан којшто ги претставува најпозитивните денови за мене во Скопје, којшто за жал некое време го немаше, но по мала пауза се враќаме пак назад. Можеме да кажеме дека е еден од најголемите настани што се враќа после короната, истакна актерот Столе Мицов на денешната прес-конференција. Тој најави дека на Фестивалот ќе настапат повеќе уметници, меѓу кои и групите Фолтин, Ласт Експедишн, Фиц и Студени Нозе, Суперхикс, пејачите Нина Јанева, Мики Јовановски Џафер и Игор Џамбазов, како Здружението на Џез музичари „Биг Бенд“. Во недела, на последниот ден на Фестивалот, Мицов најави дека на сцена ќе бидат македонски блуз музичари и целиот ден ќе биде исполнет со блуз музика. Даниел Апостоловски од Град Скопје најави дека ќе има десетина настани од ист карактер кои се под покровителство на Град Скопје. - Меѓу нив се Џез фестивалот што започна на 30 април во паркот Ибни Пајко, којшто е во организација на Здружението Џез Музичари, потоа „Вино Скоп“ како еден од поголемите настани, потоа Скопскиот градски фестивал којшто ќе се одржи на 6 и 7 мај на школка во Градскиот парк, Фјужн фестивал од 29 јуни до 3 јули, Кларифест од 1 до јуни, Десонас – фестивал на електронска музика некаде при крајот на месец јуни, Скопје колинг на 16 јули, Фолк фест „Скопје“ од 23 до 27 јули и концерт на Влатко Лозановски, за кој дополнително ќе ја утврдиме и локацијата и датумот, најави Апостоловски и додаде дека скопјани ова лето ќе имаат можност и да излезат и да прошетаат после долга пауза без забавни настани. Директорката на „Вина од Македонија“, Елена Младеновска-Јеленковиќ информираше дека македонското вино во последните години бележи голем пораст на квалитетот. - Се надевам дека овој настан „Вино Скоп 2022“ ќе биде еден од оние настани каде што ќе го славиме виното, особено македонското вино, коешто во минатите години бележи многу голем пораст на квалитетот. Сите винарии во Македонија не само што го подобруваат процесот на производство, туку воедно ги едуцираат и лозарите за да може да имаме еден производ што е на високо ниво којшто заслужува да се најде на полиците на светските пазари, објасни Младеновска-Јеленковиќ. Таа исто така најави дека за време на Фестивалот љубителите на виното ќе имаат можност да вкусат околу 30 македонски вина од винариите членки на Здружението „Вина од Македонија“, од семејните винарии, како и странските вина коишто ќе бидат претставени во фестивалот. Организатори на фестивалот се Крафт продукција и здружението „Вина од Македонија“, додека главен покровител на целиот настан е Град Скопје. сх/сп/

Остани поврзан