• сабота, 23 ноември 2024

Од Суми евакуирани речиси 3.500 луѓе, 27 цивили загинале во Харков

Од Суми евакуирани речиси 3.500 луѓе, 27 цивили загинале во Харков
Киев, 8 март 2022 (МИА) – Речиси 3.500 цивили се евакуирани денеска од северниот украински град Суми за време на прекинот на огнот, а 27 цивили се убиени во Харков, соопштија локалните власти. Речиси 1.700 од 3.500 евакуирани се странски студенти кои студираат на универзитетите во Суми, соопшти регионалниот гувернер Дмитро Живицки, додавајќи дека прекинот на огнот еднаш бил прекршен со пукање кај контролен пункт. Најмалку 27 цивили се убиени во руските напади врз источниот украински град Харков во последните 24 часа, соопшти денеска полицискиот функционер Серхи Болвинов. Вкупно 170 луѓе се убиени во регионот Харков од почетокот на руската инвазија на 24 февруари, меѓу кои и пет деца, информира Болвинов на интернет. Украинските сили денеска ги одбија обидите на руските сили да влезат во Харков и спречија планирана акција на 120 руски падобранци во близина на границата, изјави регионалниот гувернер Олех Синехубов. Падобранците се спуштиле во близина на украинскиот пограничен град Вовчанск, на околу 50 километри североисточно од Харков, но биле поразени од украинските сили, рече тој. Што се однесува до Мариупол, американски извори велат дека тој е опколен од руски сили, но оти тие наводно не влегле во градот. Украинските власти соопштија дека денеска уште еднаш не успеале да евакуираат цивили од Мариупол. Вицепремиерката Ирина Верешук ја опиша ситуацијата во опколениот град како „катастрофална“. Хуманитарните коридори од Мариупол кои би воделе кон Русија или Белорусија се неприфатливи, нагласи таа. јт/

Остани поврзан