• петок, 27 декември 2024

Од среда задолжително носење заштитни маски и ракавици за граѓаните во Куманово, Тетово и Прилеп

Од среда задолжително носење заштитни маски и ракавици за граѓаните во Куманово, Тетово и Прилеп
Скопје, 18 април 2020 (МИА) - Почнувајќи од 22 април 2020 година (среда), се воведува мерка за забрана за движење на населението на подрачјата на општините Куманово, Тетово и Прилеп, без носење на соодветна заштитна опрема (маска, шал, марама и сл.), надвор од своите домови, на сите јавни места и површини од отворен и затворен тип, како и затворени простории, маркети, продавници или сл. Ова е прва ваква мерка за задолжително носење зштитна опрема што ја донесе од Владата. Таа е дел од повеќето одлуки, мерки и препораки од денешната 44-та седница. кои се однесуваат на Куманово, Тетово и Прилеп,а кои произлегуваат од 30. состанок на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на коронавирус КОВИД-19. Како што соопшти од владината прес-служба, за оваа цел, Владата го задолжи Министерството за здравство да подготви и за наредната владина седница да достави уредба со законска сила во која правно ќе го нормира ова прашање, начинот на имплементирање, користење, потребната заштитна опрема, како и да се уреди прашањето на минимум задолжителната количина (резерва) што производителите на маски треба да ја имаат за потребите на државните институции. -Во уредбата да се предвиди дека обврската за носење на заштитна опрема ќе се применува на територијата на Република Северна Македонија, но по извесен период, стои во соопштението. Министерство за здравство, доби задожение и дел од донациите на заштитна опрема кои земјата ги има добиено до овој момент, да бидат дадени на здравствените установи во општините Куманово, Прилеп и Тетово. Владата, воедно, го задолжи Аднан Џаферовски, директор на Дирекцијата за заштита и спасување, со уште двајца членови од Главниот координативен кризен штаб да биде во комуникација со Oпштинскиот штаб за заштита и спасување во Куманово, поради потребата од негово консолидирање и тековно следење на состојбите и работата на сите надлежни институции на дневна основа во ова подрачје, со цел одржување на функционална и ефективна работа на овој штаб. Од денешната седница произлезе и задолжувањето за сите органи на државната управа, јавните претпријатија основани од државата, акционерските друштва во државна сопственост, агенции, фондови, бироа, заводи, управи и сите останати државни институции кои имаат свои седишта или подрачни единици на подрачјето на Општина Куманово, како и укажувањето на Општина Куманово и јавните претпријатија и другите правни лица основани од Општина Куманово, да ги редуцираат своите капацитети и да воведат посебни мерки за заштита, со цел поголем број на лица да бидат изолирани во овој период. Исклучок од оваа мерка, се посочува, се вработените лица од МВР, Министерството за одбрана – Армијата на Република Северна Македонија, од јавните здравствени установи, како и вработените во територијалните противпожарни единици на подрачјето на Општина Куманово. Владата одлучи да им се препорача на сите граѓани во Република Северна Македонија, а особено на оние што живеат на подрачјата на општините Куманово, Прилеп и Тетово, согласно одлуките, мерките и препораките на Владата, да го редуцираат излегувањето од своите домови, и тоа само од најнеопходни причини, заради одење на работа, како и излегување од својот дом на само еден член од семејството заради купување намирници и лекови од маркетите и аптеките. Министерството за здравство е задолжено да определи едно лице како точка за комуникација и координација на дневна основа со сите здравствени установи во Општина Куманово. Задолжение доби и МВР, во соработка со општинските штабови за заштита и спасување, најдоцна до 21 април 2020 година (вторник), да подготват посебен оперативен план за присуство и дејствување на припадниците на полицијата во подрачјата на општините Куманово, Прилеп и Тетово, преку користење на засилени патроли и засилено присуство, користење на мегафонска опрема од полициските возила на јавните места и површини, со цел контрола над почитувањето на одлуките, мерките и препораките донесени од Владата на Република Северна Македонија. Донесена е одлука со која од вторник се забранува организиран превоз на патници односно забрана за влез и излез во и од подрачјето на Општина Тетово и сите околни општини. Исклучок од оваа забрана, се наведува, е организираниот превоз што го вршат економските оператори за своите вработени лица до работните места, како и организираниот превоз на вработените лица во МВР, МО-Армијата, како и вработените во ТППЕ во овие општини. Согласно ова, Владата донесе Одлука за дополнување на Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територија на Република Северна Македонија. Министерството за одбрана доби задолжение да определи едно лице кое ќе биде на дневна основа во комуникација со Oпштинскиот штаб за заштита и спасување во Куманово, со цел одржување на функционална и ефективна работа на овој штаб. вг/ац/

Остани поврзан